Уништено зеленило, соборени столетни дрва, купишта земја и камења и градежен шут и цело брдо слизнато на патот е сликата која последниве месеци може да се види на најатрактивното шеталишта за Тетовци, месноста Бањиче по течението на река Пена. Пред неколку месеци, Општина Тетово започна со реконструкција на патот кон Бањиче. Но наместо само да се изврши неопходната санација, општината тука почна да гради пат широк 7-8 метри. Почна да прави огромни потпорни ѕидови, а поради проширувањето на патот тешката механизација ја срони целата десна страна од течението на реката Пена.
„Јас не знам кај им е паметот на овие од Општинава? Дали се свесни што прават со Бањиче? Оваа патека во должина од 3-4 километри беше вистинско уживање да се помине. Речиси целата беша во сенка од околните дрва, па и во најголемата летна горештина тука беше пријатно за пешачење, а близината на реката даваше уште доплнителна свежина. Бањиче беше синоним за тетовци за место пријатно за прошетка и одмор и за бекство од градските горештини и врева. Тука во секој момент од денот имаше луѓе кои одеа да наполнат од киселата вода на изворите од Бањиче. А сега што направија, ги срушија брдата, ги уништија дрвјата и зеленилото покрај патот, а зошто, за да изградат улица. Сега ќе нема ниту милиметар сенка покрај патот. И кој ќе сака сега да шета по улица? Вакви улици се за во град, а не за шеталиште. Од ова корист ќе имаат само дивите кафани кај Бањиче, до каде наместо пеш ке се оди со автомобили“, револтирано вели Зоран Р. кој редовно пешачи до Бањиче.
На неговото незадоволство му се придружува и Имрли А. Освен за уништувањето на природата тој е незадоволен и од работата на градежниците.
„Еве целата земја и овие големи камења ги фрлаат во Пена. Така дополнително го уништија зеленилото и дрвјата што беа веднаш до реката. Тие направија повеќе штета отколку некаква корист. Се прашувам дали воопшто некој ќе има желба во иднина да се прошета покрај ваква пустош. Пред некој ден, поради овие градежни работи проработи лизгалиште и цело едно брдо се струполи на патот. Среќа тогаш никој не проаѓал бидејќи лесно можел да биде затрупан. Некој навистина не може да сфати дека со природата нема играње“, вели Имрли А.
Но реката Пена и месноста Бањиче немаат проблем само со изградбата на патот. Овој дел од реката Пена со години се претвара во депонија во која се фрла сѐ и сешто, а најмногу градежен шут. Пена старите тетовци ја викале и Тетовска Бистрица, но сега, со ваквата човекова негрижа, ниту едно од овие имиња не ѝ доликува. Шеесетгодишниот Мујдин ни раскажува едно негово неодамнешно ускуство.
„Јас редовно, речиси секој ден сум тука на прошетка. Многупати сум гледал како доаѓаат некои луѓе со трактори и камиони и фрлаат ѓубре во реката. Пред три недели се случи истото, гледам трактор со приколка како го фрла градежниот во реката. Не можев повеќе да издржам, застанав и му реков на човекот да не го фрла ѓубрето бидејќи тоа не е убаво ни за луѓето ни за реката. Тогаш тој слезе од тракторот зеде една дрвена мотка и му се закани дека ќе ме удри ако не веднаш не заминам од тука. И што да правам, требаше да се тепам? Си заминав со горчина во душата како некои луѓе можат така да се однесуваат кон природата“, раскажува Мујдин.
Стручните служби на Општина Тетово велат дека изградбата на патот се очекува брзо да заврши и дека градот ќе добие современ пристап до месноста Бањиче кој ќе биде осветлен и во вечерните часови. Велат и дека не можат да го спречат фрлањето смет и градежен шут во реката.
„Ние немаме доволно инспектори за да обезбедиме редовен, а камоли 24-часовен надзор на овој дел од реката за да го спречиме фрлањето на сметот во неа. Уште повеќе што луѓето сметот најчесто го фрлаат во доцните вечерни часови. Ние можеме да реагираме само ако има доставено пријава до нас од полицијата или некој граѓанин. Но тоа досега се нема случено. Освен тоа, и ако евентуално успееме некого да казниме, казните за ваков прекршок се многу мали, не повеќе од 100 евра, па и тоа на некој начин делува стимулативно кај прекршителите без поголем страв да фрлаат во реката сѐ што ќе најдат“, вели Виктор Стојановски раководител на инспекциската служба на Општина Тетово.
Р. ФОТИНОВСКА