Кога од Тетово ќе се погледне кон Шар Планина, кон патот што води кон Попова Шапка и од спротива кон Тетовското кале и течението на реката Пена, може да се види како еден цел град надвиснал на Тетово. Многу куќи на два, на три па и повеќе катови, огромни објекти за ресторани или хотели кои имаа и по неколку стотици квадратни метри површина, а сите имаат една заедничка карактеристика – сите се дивоградби. Општина Тетово во август, 2016 на тендер ја избира фирмата „Еуро инвест“, која со нејзината градежна механизација треба да ги руши дивоградбите. На интернет страницата на Бирото за јавни набавки објавено е дека Општина Тетово на фирмата треба да ѝ исплати 6.500.000 денари или 100.000 евра за рушење на објектите. Иако од потпишувањето на договорот поминаа веќе 9 месеци, досега во Тетово се срушени само бараките кај старото Медицинско училиште и еден ѕид и ништо друго.
Дали и кога ќе се спроведе програмата, еден од можните одговори ги даде еден тетовец кој води спор со Општината околу една дивоградба.
„Ова што го гледате над Тетово, овие огромни ресторани, хотели, куќи, бидете сигурни дека тиа никогаш нема да се рушат иако се дивоградби. Толку ли биле слепи инспекциите, па и градоначалничката, и не можеле навреме да видат дека се гради објект од стотици метри квадратни? Не треба воопшто некој да им каже, доволно е само да погледнале од прозорецот на нивните канцеларии, цела Шара и Кале се гледаат начичкани со дивоградби. Сето тоа ќе си остане така, а ќе се сруши некое поткровје или шупа на некој сиромав кој нема ниту пари ниту врски да си го зачува објектот. И уште нешто, кој градоначалник врши рушење пред избори? А ние во Македонија избори имаме секоја година“, вели тетовецот кој сака да остане анонимен.
Постапката за рушење на останатите дивоградби во Тетово кои ги има повеќе од стотина е заглавена некаде во општинските служби и комисии.
„Сѐ што е изградено после 3 март, 2011 година според Законот за легализација на дивоизградените објекти, се смета за дивоградба и не може да подлежи на легализација. Ние како инспекциска служба ги имаме евидентирано речиси сите вакви објекти и тој список сме го испратиле до Комисија за легализација на Општина Тетово. Сега оваа комисија треба само да утврди дека овие објекти не можат да се легализираат бидејќи се изградени после дадениот законски рок и да ни достави такво решение. Врз основа на тоа ние, како инспекциска служба, дури тогаш можеме да ја започнуваме постапката за рушење на дивоградбата. Досега од Комисијата за легализација на бесправно изградените објекти немаме добиено ни позитивно ни негативно решение за ниту еден од овие предмети што сме и ги доставиле, а без такво решение ние не можеме да рушиме иако очигледно е дека станува збор за дивоградба“, вели Виктор Стојановски, раководител на инспекциските служби во Општина Тетово.
Според него, во списокот има над 100 диво изградени објекти кои најмногу се наоѓаат на патот кон Попова Шапка и Тетовското кале, течението на реката Пена а исто така голем дел има и во градот и тоа претежно се надградби и поткровја на станбени објекти. Десетина дивоградби има и во викенд населбата на Попова Шапка. Во општинските кулоари овој список се нарекува и „црн“ список на дивоградби, но засега страшно му е само името бидејќи тетовските дивоградби никој не сака да ги руши.
„Инспекторите нас нé информираат дека за одреден објект не може да се врши легализација бидејќи тоа не го дозволува законот ако објектот е изграден после 3 март, 2011 година. Ние врз основа на тоа известување веќе имаме подготвено еден список на објекти кои не добиле дозвола за легализација и можат да се срушат и сите надлежни служби се известени од наша страна. Сега треба инспекцијата да го спроведе решението за рушење. Зошто не се руши некој објект, тоа нас како комисија и мене како претседател не ме интересира. Ние ни како сектор за урбанизам, ни како комисија, не даваме налог за рушење. Досега имаме донесено 33 решенија во кои не сме дале позитивно решение за легализација на бесправно изграден објекти, односно дека не може да се легализира дивоградбата бидејќи е изградена после донесувањето на Законот од 2011“, изјави Џемал Абдиу, претседател на Комисијата за легализација на бесправно изградени објекти при Општина Тетово.
За извршување на рушењето на дивоградбите се изготвува програма која ја носи и потпишува градоначалникот на Општината. Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи не кажува конкретно зошто не се рушат дивоградбите, туку се повикува на програма за рушење и на динамиката на нејзино спроведување.
„Имаме процедури на инспекцијата и процедури кога странките се во процес на легализација. Во таква ситуација нормално е дека треба да се чека. Во принцип ние максимално се обидуваме да го спречиме тој процес на давање дозволи секаде и така ќе продолжиме. Општинската програма за уривање зависи од динамиката која ќе ја имаме“, кратко изјави Арифи.
З. АНДОНОВ