Референдумот за изјаснување за или против рудникот Казандол и отварање рудници во Богданци е успешен. Според информациите на 12 те гласачки места во оваа Општина, на изјаснување излегле повеќе од 50 отсто гласачи, со што е исполнет законскиот цензус референдумот да биде легитимен.
Ова го потврдија и во дел од гласачките места во Богданци каде излезноста е над 60 отсто, но послаб е одѕивот во населените места Стојаково, Ѓавато и Селемли. Веста дека на референдумско изјаснување излегле околу 50 отсто ја потврди и претседателката на Општинската изборна комисија Венера Зелева.
„До 17 часот излегле 49,5 отсто од запишаните граѓани во единствениот избирачки список. Засега нема пријавено проблеми на гласачките места. До 19 часот верувам дека ке биде исполнет цензусот 50 отсто плус еден“, ни изјави Зелева.
Жителите на Општина Богданци денеска се изјаснуваат по две референдумски прашања: Дали се за или против да се стопира изградбата на рудникот Казандол и Дали се за или против отварање рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини во општината.
„Како граѓанин, сметам дека треба да се слушне гласот на народот независно кој ќе биде епилогот од овој рефендум. За вакви крупни прашања секако дека треба јавноста да биде консултирана, оти станува збор за дологорчни проекти кои ќе имат влијание врз заедницата“, рече Борче Стојанов, жител на Богданци.
Богданци е втората општина од југисточниот микрорегион каде се спроведува референдум. Одлуката за изјаснување на жителите за или против рудници во нивното опркужување едногласно ја донесоа советниците на Богданци, откако во Гевгелија во април жителите со 98 отсто кажаа не за доделување концесија за експлоатација на злато на планината Кожуф.
За изградбата на рударскиот комплекс Казандол на референдум ќе се изјаснуваат и жителите на Дојран на 18 јуни, додека овие денови Советот на Општина Валандово треба да се изјасни дали ќе има референдумско изјаснување во оваа општина, откако граѓаните ги собраа потребните потписи. Ако нема референдум, иницијаторите се заканија со протести и блокади.
В. ТРАЈКОВ