МИЛОШОСКИ НЕДЕЛОВНИЧКИ И СО СИЛА САКА ДА ГО ПРАТИ НИКОЛОСКИ ЗА АМБАСАДОР ВО БРИСЕЛ, ТВРДИ ПРАТЕНИКОТ ТУНТЕВ

    МИЛОШОСКИ НЕДЕЛОВНИЧКИ И СО СИЛА САКА ДА ГО ПРАТИ НИКОЛОСКИ ЗА АМБАСАДОР ВО БРИСЕЛ, ТВРДИ ПРАТЕНИКОТ ТУНТЕВТомислав Тунтев од СДСМ тврди дека спротивно на Деловникот, претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски неделовнички ја отворил расправата, без кворум и затоа смета дека одржувањето на Комисијата за европски прашања е беспредметно. - Милошоски и Николоски на денешната расправа во Собранието (Фото:СДК.МК)

    Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Антонијо Милошоски го прекршил собранискиот Деловник  и без утврден кворум ја одржал седницата и не го известил собранискиот спикер Талат Џафери, обвини координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

    На седницата на Комисијата за европски прашања единствена точка на дневен ред беше бранењето на амбасадорските тези на Александар Николоски, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ , кој беше утврден за кандидат за  амбасадор во Европската Унија во Брисел уште од техничката влада, пред одржувањето на изборите на 11 декември 2016 година.

    Тунтев тврди дека  спротивно на Деловникот, претседателот на Комисијата  Антонијо Милошоски неделовнички ја отворил расправата, без кворум  и затоа смета дека одржувањето на Комисијата е беспредметно.

    „Претседателот на комисијата Антонијо Милошоски не го информирал претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе се држи седница. Тоа е вообичаена практика. Во текот на вчерашниот ден на седница на владата е прекината постапката за именување на амбасадор на Александар Николовски. Затоа владејачкото мнозинство смета дека одржувањето на седницата е беспредметно. Милошоски кршејќи го Деловникот ја започна работата без да го има основниот кворум. Правилно е според Деловникот, комисија може да започне со работа доколку при утврдување на дневен ред има кворум. На денешната седница немаше кворум“, рече координаторот на СДСМ Тунтев.

    Тунтев рече дека не гледа причина зошто Милошоски како претседател, упорно, со сила сака да ја одржи расправата за тезите на Николоски во комисијата само со претседател, тројца членови и четворица заменици, сите од ВМРО-ДПМНЕ. на комисијата присуствуваше и Биљал Касами од Беса, кој се потпиша на списокот за утврдување на присуство, иако не е член на комисијата.

    Претседателот на Комисијата Милошоски ја започна расправата  и на обвинувањата од пратеникот на СДСМ Максим Димитриевски дека спротивно на Деловникот ја закажал седницата, го  цитираше  собранискиот Деловник, бидејќи комисијата се уште нема деловник за работа.

    “Според собранискиот Деловник, оти Комисијата се уште нема деловник за работа, со прост премин може да се расправа. Комисијата ниту  гласа ниту го одобрува или го одбива излагањето на амбасадор, туку може само да фали или да критикува“, рече во образложението Милошоски.

    Во април годинава, дипломатскиот Синдикат  го обвини тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски дека испраќањето на експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за македонски амбасадор во Брисел е направено надвор од пропишаната законска процедура. Синдикатот на дипломатите тогаш изјави дека испраќањето на Николоски за амбасадор значи испраќање партиски активисти под плаштот на професионални дипломати да лобираат за „Владата во оставка“ или нелегитимното продолжено останување на власт од политичка партија која го изгуби мнозинството во Парламентот.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски во октомври минатата година доби агреман за вршење на амбасадорската функција. Но, Николоски не можеше да замине во Брисел, бидејќи Парламентот се уште не беше конституиран.  Александар Николоски за амбасадор во Брисел доаѓа на местото на Андреј Лепавцов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира