ВО СУДОТ КОЈ СОБРА 29 ПАСОШИ ТВРДАТ ДЕКА СИТЕ ОБВИНЕТИ СЕ ВО ЗЕМЈАВА

Во Законот за кривична постапка (ЗКП) нема член кој кажува прецизно што во случај ако некој од обвинетите поседува и пасош на странска држава, со кој може да ги напушти границите и да избега од Македонија.

    ВО СУДОТ КОЈ СОБРА 29 ПАСОШИ ТВРДАТ ДЕКА СИТЕ ОБВИНЕТИ СЕ ВО ЗЕМЈАВАЗа обвинетиот експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски Судот денеска треба да соопшти дали го прифатил барањето на СЈО за притвор - Груевски го напушта судот заедно со адвокатот на 10 јуни минатата година за предметот „ТНТ“ за уривањето на Космос (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд Скопје 1 во моментов има 29 пасоши одземени од главните обвинети во 17-те предмети на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). За обвинетите експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, и на Мартин Протоѓер и Кирил Божиновски Судот денеска  треба да објави дали се прифатени барањата за притвор од СЈО.

    Сите овие обвинети, на кои им се одземени македонските пасоши, треба дел секој понеделник, дел секој петок, да се јавуваат во судот. Во Кривичниот суд објаснуваат дека тоа е сторено намерно, за да не се прави гужва од пријавување во еден ист ден на сите обвинети со изречени вакви мерки за претпазливост.

    Во Законот за кривична постапка (ЗКП) нема член кој кажува прецизно што во случај ако некој од обвинетите поседува и пасош на странска држава, со кој може да ги напушти границите и да избега од Македонија.

    Членот 144 од ЗКП само наведува: „Кога обвинетиот не се придржува кон определената мерка за обезбедување присуство, судот може да определи друга мерка за обезбедување присуство“, што во превод ќе значи дека ако некој од обвинетите не се јави секој понеделник или секој петок пред надлежен орган или избега од државава, ќе му биде одредена построгата мерка, а тоа е притвор“.

    Пасошите сигурно се наоѓаат во Основниот суд Скопје 1, бидејќи без нив, како што ни кажаа од Судот, не можел Кривичниот совет да ги изготви и објави решенијата за мерките притвор и мерките за претпазливост и обезбедување присуство што (не) ги изрече изминативе неколку дена.

    За барањата на СЈО, Кривичниот совет онаму кај што не одобруваше мерка притвор (а досега не одобри ниту една), изрекуваше мерка на претпазливост одземање на патната исправа на обвинетиот, која според Законот за кривична постапка се изрекува онаму каде што има опасност од бегство.

    Така, за 17-те случаи, досега им се одземени пасошите на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, на ексначалникот на Петтата управа Горан Грујовски, на поранешниот шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска Тони Јакимовски, на Небојша Стајковиќ од УБК, потоа на поранешниотв вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерката Елизабета Канческа – Милевска, на новинарите и бизнисмени Ивона Талевска и Драган Павловиќ – Латас, на двајцата браќа на Павловиќ, на градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски.

    Исклучок досега е направен само кај обвинетиот координатор на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими и кај сопартиецот од ДУИ Исмет Гури, за кои Кривичниот совет ја одби мерката притвор, а во замена не им ги одзеде пасошите.

     

    Судот по службена должност на секои два месеца преиспитува дали има потреба за траење на мерката на претпазливост (одземање на пасошите) и таа може да се укине и пред овој рок, ако престанала потребата, вели законот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира