ВЛАСТА САМА СИ КРАТИ ОД КОМОДИТЕТОТ СО РЕБАЛАНСОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    ВЛАСТА САМА СИ КРАТИ ОД КОМОДИТЕТОТ СО РЕБАЛАНСОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ„Не ги плашете граѓаните. На мнозинството ќе им остане истиот данок. Само неколку проценти од најбогатите ќе плаќаат повеќе. Ако не се согласувате со ова, треба да се запрашате на чија страна сте“, рече Тевдовски на забелешката на опозицијата дека зголемувањето на персоналецот ќе ги избрка од земјава ретките високошколувани кадри со дефицитарни занимања (Фото: СДК.МК)

    Скрати ли ребалансот од комодитетот на власта, за да се обезбедат пари за нови мерки за поддршка на граѓаните и фирмите, како што тврди министерот за финансии Драган Тевдовски или само е прекроен буџетот во предизбрен ребаланс како што обвини опозиционата ВМРО ДПМНЕ, Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа 10 дена.

    Со ребалансот расходите се намалени за 47 милиони евра.

    Според Тевдовски тие можеле да бидат поголеми, доколку не нашле неплатени обврски. Долгот на МВР изнесува 6,9 милиони евра, а оној на Министерството за култура 39 милиони евра. До крајот на неделава најави дека ќе бидат објавени сите доспеани, а неплатени обврски на претходната власт, а со Светска банка се договара проект за чистење на обврските и се надоградува софтверот за во иднина да ги евидентира неплатените побарувања.

    Ослободените средства ќе бидат пренаменети за субвенционирање на работодавачите за минимална плата од 12.000 денари, за поддршка за малите и средни претпријатија, за надоместок на досега неопфатените стечајци и субвенционирање на МРТВ заради укинувањето на радиодифузната такса.

    Опозиционата ВМРО ДПМНЕ, која достави 706 од вкупно 840 амандмани на ребалансот, забележа дека е зголемен буџетот на сите владини агенции и регулаторни тела во делот на платите.

    „Силно сме загрижени дека ставките што значат развој, во образованието, во културата, се скратени за сметка на плати за нови кадри“, рече претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска од ВМРО ДПМНЕ.

    На ова министерот Тевдовски одговори дека во целина, платите се намалени за 158 милиони денари, но има зголемување на ставката плати кај Собранието за 42 милиони денари, заради апанажите.

    Подоцна, Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот кој е под истрага дека при организираниот напад на Собранието на 27 април ги отвори вратите за да влезат насилниците, го прекори министерот зошто не кажал и дека ребалансот предвидува нови 40 вработувања во Собранието, како и во МНР и во МВР,  и дека се додадени пари за плати за уште пет месеци за нововработените во Владата.

    На забелешката на опозицијата дека зголемувањето на персоналецот ќе ги избрка од земјава ретките високошколувани кадри со дефицитарни занимања, министерот Тевдовски врати:

    „Не ги плашете граѓаните. На мнозинството ќе им остане истиот данок. Само неколку проценти од најбогатите ќе плаќаат повеќе. Ако не се согласувате со ова, треба да се запрашате на чија страна сте“.

    Тевдовски објасни дека иако капиталните инвестиции се намалуваат за 23,4 милијарди денари, кратењата се кај оние со забавена динамика, а сите инвестиции задржуваат ниво повисоко од реализираното претходните години.

    „Имаше премногу оптимистички проектирани инвестиции, реално нема кратење“, кажа Тевдовски.

    А. САЛТИРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира