Полицијата вечерва не ги пронајде дома ниту Горан Грујовски, ниту Никола Бошковски, откако околу 21.30 часот ги доби налозите од Апелациониот суд за нивно притворање. Првичната информација дека Бошковски бил најден дома и ќе биде спроведен во затворот во Шутка не е точна, потврдија од МВР.
Се претпоставува дека ексначалникот на Петтата управа на МВР Грујовски и вработениот во УБК Бошковски се во државата, бидејќи патните исправи им се одземени. Според сознанијата на САКАМДАКАЖАМ.МК, нема информација дека откако им беше изречена мерка притвор од Апелација на 18 јули, па наваму, немало обид со лична карта да ја напуштат државата.
На жалбената постапка во Апелациониот суд минатата недела, Грујовски го застапуваа неговите адвокати, кои рекоа дека од здравствени причини, зголемен крвен притисок, тој не бил во состојба да дојде.
Врховниот суд попладнево соопшти дека петчлениот казнен совет на Врховниот суд на Република Македонија донесе решенија со кои се одбиени жалбите на бранителите на Горан Грујовски и Никола Бошковски и ги потврди решенијата на Апелациониот суд Скопје за определување на мерка притвор во траење од 30 дена
Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.
Грујовски е главниот обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“. Бошковски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА