Не може да се каже дека во целина има несериозно Собрание, одговори претседателот на Собранието Тaлат Џафери на САКАМДАКАЖАМ.МК, дали смета дека пратениците се доволно сериозни и дали имаат капацитет да ги поддржат реформските зафати од планот на Владата 3-6-9, кога само за да ги дисциплинира пратениците, мора да црта и да реди тие цртежи на неговиот пулт.
„Досега сите пратеници работат според деловникот и се однесуваат во рамки на нормалната динамика. За начините на замолчувањето што ме прашувате, тоа е моја реакција кон оние пратеници што се немирни на седница, што не развиле почит и слух да го ислушаат колегата додека зборува, што не разбираат „тишина“, на македонски и на албански. Имаме и звучни сигнали за „тишина“, но бадијала е за тие неклку исклучоци. Ми остана да вежбам цртање, за да ги научам да го слушаат оној кој зборува“, објасни Џафери.
Тој сепак рече дека пратениците се живи луѓе и нормално е да се пргави.
„Добро, па на крајот на краиштата, не сме во…., ај да не кажам каде. Во Собрание сме. Се надевам дека со текот на времето во парламентарната опозиција ќе има поинаков пристап. На крајот, јас им кажав дека тоа ним им штети. Сега од септември на седниците ќе имаат можност да доаѓаат и граѓаните во живо да ги следат и ќе имаат прилика лично да се уверат како се однесуваат пратениците на седница“, рече спикерот Џафери.
Пратениците одат на одмор од осми до 25 август и Џафери се надева дека ќе се вратат со ладни глави.
С. К. ДЕЛЕВСКА