Џорџ и Амал Клуни најавија партнерство со Јужниот правен центар за сиромаштија (СПЛЦ) за борба против „фанатизмот и омразата”, по насилството во Шарлотсвил, Вирџинија. Фондацијата Клуни за правда вели дека ќе додели грант од 1 милион долари на СПЛЦ, со цел да ѝ помогне на организацијата за граѓански права во нејзините обиди да се бори против насилниот екстремизам во САД, по смртта на контрадемонстрантот Хедер Хајер на протестот на белите расисти во универзитетскиот кампус овој месец.
„Амал и јас сакавме да го додадеме нашиот глас (и финансиска помош) за тековната борба за еднаквост”, рече Џорџ Клуни. „Нема две страни на непријателство и омраза“.
„Горди сме што го поддржавме Јужниот правен центар за сиромаштија во неговите напори да го спречи насилниот екстремизам во САД“, додаде двојката во изјавата. „Она што се случи во Шарлотсвил и што се случува во заедниците низ целата земја, бара наш колективен ангажман да се застане против омразата“.
Претседателот на СПЛЦ, Ричард Коен, го поздрави придонесот на Фондацијата Клуни во време кога радикалната десница во Америка е „засилена“.
„Како Џорџ и Амал Клуни, бевме шокирани од големината, грдотијата и жестокоста на белиот расистички собир во Шарлотсвил“, рече тој во соопштението. „Тоа беше одраз на тоа колку запалливата кампања на Трамп и неговото претседателство ја зајакнаа радикалната десница. Ние сме длабоко благодарни на Фондацијата Клуни што застанаа зад нас во овој критичен момент во борбата на нашата држава против омраза“.
Донацијата доаѓа во време кога федералното финансирање на организациите за борба против десничарскиот екстремизам во САД е замрзнато од администрацијата на Доналд Трамп. Самиот Трамп беше критикуван за неговиот одговор на настаните во Шарлотсвил, при што претседателот изјави дека активистите од „двете страни“ се одговорни за насилството.
Фондацијата Клуни за правда е основана во 2016 година за „унапредување на правдата во судниците, заедниците и училниците низ целиот свет“. Овој месец ги објави плановите за обезбедување 3,25 милиони долари за да им помогне на 3.000 деца од Сирија бегалци да добијат образование во Либан.
„Не сакаме да загубиме цела генерација, бидејќи тие имале несреќа што се родени на погрешно место во погрешно време“, изјави Џорџ Клуни во соопштението.