Градинките на територијата на Општина Карпош од 1 септември нема да работат во две смени. Градоначалникот Стевчо Јакимовски кажа дека ја поддржува идејата на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска за двосменско работење на градинките, но не може да ја спроведе, бидејќи, како што вели тој, немало доволен број вработени, ниту пак пари за греење и струја во втора смена.
„Ова не е политичка одлука, напротив ја поддржувам идејата на министерката Царовска, добра идеја е, но повлекува финансиски импликации, а општините не се толку моќни да ги одвојат толку пари. Еве, само за греење годишно ќе требаат дополнителни 12 милиони денари. За втора смена според нашите проценки на територија на Карпош треба од 5 до 7 негувателки. Не е можно како што ни навеле во одлуката негователки да ротираат од градинка во градинка“, изјави Јакимовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Градоначалникот Јакимовски оваа одлука ја доставил писмено до министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и ја известил дека проектот на Владата за воведување втора смена нема да се применува во Карпош.
Министерката за труд и социјалната Мила Царовска пред десетина дена кажа дека од 1 септември градинките ќе почнат со двосменско работење. Првите смени ќе бидат од 7:00 до 14:30 часот, а вторите од 14:00 до 21:30 часот, а ќе се работи и секоја прва сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот, согласно владината Одлука донесена на 10 јули годинава.
„Целта на двосменското работење е децата и родителите да ја добијат потребната грижа од јавите установи“, изјави Царовска на прес-конференција.
Царовска додаде дека министерството е подгоподготвено за отворање нови работни места, што како потреба ќе ги наложи двосменското работење.