РАЗРЕШЕНИОТ ЗВРЛЕВСКИ ПОДНЕЛ БАРАЊЕ ЗА АПАНАЖА ДО СОБРАНИЕТО

    РАЗРЕШЕНИОТ ЗВРЛЕВСКИ ПОДНЕЛ БАРАЊЕ ЗА АПАНАЖА ДО СОБРАНИЕТОВо законот е пропишано дека обвинител кој е разрешен од Собранието за нестручно и несовесно работење, како што е случајот со Зврлевски, нема право да се врати на претходното работно место во обвинителството, за разлика од сите останати обвинители на кои законски им истекол мандатот. Зврлевски на собраниската седница за негово разрешување на 12 јули (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот Јавен обвинител на Македонија Марко Зврлевски, кого парламентарното мнозинство го разреши на 17 август годинава, поднел барање за апанажа, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од Советот на јавни обвинители. Барањето за апанажа Зврлевски го поднел до собраниската Комисија за избори и именувања, бидејќи беше функционер кого на функцијата државен обвинител го имаше избрано Собранието.

    Ретките говорници од пратеничката група на СДСМ за време на маратонската седница со која колегите од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа разрешувањето на Зврлевски, апелираа тие да дозволат порано да се разреши и ако сметаат дека е прекршена процедурата, да покренат соодветна постапка за тоа. Дури препорачуваа и Зврлевски да покрене судска постапка ако смета дека неговото разрешување не е во ред, место да се трошат народни пари во бескрајни празни дискусии и меѓусебни реплики кои траеја десетици денови.

    Но, Зврлевски веднаш по разрешувањето, си поднел барање до Собранието, за да си го искористи правото на една година апанажа по напуштањето на функцијата. Комисијата треба да заседава и да одлучи дали Зврлевски ги исполнува условите за апанажа.

    Зврлевски нема право да се врати како обвинител, на местото од кај што дојде, а тоа е Скопското јавно обвинителство. Во законот е пропишано дека обвинител кој е разрешен од Собранието за нестручно и несовесно работење, како што е случајот со него, нема право да се врати на претходното работно место во обвинителството, за разлика од сите останати обвинители на кои законски им истекол мандатот.

    Минатиот четврток, пред продолжениот викенд по повод Денот на независноста, Собранието го усвои предлогот да огласи именување на Јавен обвинител на Република Македонија. По распишувањето на огласот во „Службен весник“, во рок од 15 дена ќе се пријавуваат кандидати за нов Јавен обвинител на Македонија. За нив ќе треба потоа позитивно мислење, ако има, да даде Советот на јавни обвинители. Советот може за ниту еден од кандидатите да не даде позитивно светло, со што, во таква ситуација огласот ќе мора да се повтори.

    До изборот на нов јавен обвинител на Македонија, неговото столче во Советот на јавни обвинители останува празно.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира