НАЈСТРОГО ЧУВАНА ТАЈНА Е КОЛКУ ПАРИ ПОТРОШИ ТАЛЕСКИ ЗА ЛУКСУЗНИОТ ОТЧЕТ

    НАЈСТРОГО ЧУВАНА ТАЈНА Е КОЛКУ ПАРИ ПОТРОШИ ТАЛЕСКИ ЗА ЛУКСУЗНИОТ ОТЧЕТЗа содржината на отчетот Талески одржа и прес конференција на која се пофали со проектите, но не кажа колку чинеше печатењето (Фото: СДК.МК)

    Битолскиот градоначалник Владимир Талески не сними филм за своето 13-годишно владеење, како што планираше, но затоа пак објави отчет во луксузно печатено издание. Отчетот излезе од печат предизборно, минатиот месец, на 116 страници од А4 формат во боја, со голем број на фотографии. Носи наслов „Реализирани проекти 2013-2017“, од неговиот последен мандат, а сепак внатре не е мал бројот на активности кои не се завршени. Дел се во почетна фаза, стопирани или пак се градби внесени во урбанистичките планови, но без да се најде инвеститор да ги подигне.

    Герила акцијата со која граѓански активисти на градоначалникот Владимир Талески во мај, 2016 му ја честитаа аболицијата од Иванов (Фото: СДК.МК)

    Деновиве отчетот беше анонимно растурен низ дворови и згради на битолчани како да се работи за партиски летоци. Но, граѓаните останаа покуси за информација колку пари Oпштината потроши за луксузното издание. Пишува само дека примерокот е бесплатен и дека излегува периодично и по потреба, но не и колку чини.

    За содржината на отчетот Талески одржа и прес конференција на која се пофали со проектите, но не кажа колку чинеше печатењето. Се обративме телефонски до Цветанка Ристевска, советник за односи со јавност во Општината. Ја прашавме колку примероци се испечатени и колку вкупно чинеле. Ни одговори дека ќе праша и ќе нè извести. Со денови нема одговор на нашето прашање.

    Горан Козаров, советник од СДСМ, изрази сомневање дека за отчетот се потрошени 100.000 евра.

    Против Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор; – парите „владимирки“ лани беа дел од граѓанските герила акции против Талески (Фото: СДК.МК)

    „Дали Талески ќе потроши околу 100.000 евра пари на граѓаните на Битола за печатење на околу 20. 000 примероци од таканаречениот отчет? Според наши сознанија, цената на примерок се движи од 3 до 5 евра. Во своите три мандати Талески има испечатено 27 информатори, 4 печатени изданија на отчети и за тоа има потрошено над 2 милиони евра“, рече Козаров.

    Ни на овие обвинувања немаше одговор од Општината.

    На отчетот не е наведено името на печатницата каде е печатен. На интернет страницата од Бирото за јавни набавки за годинава нема објавен тендер од Општината за избор на фирма за печатарски услуги. Од битолските печатници не добивме конкретен одговор колку би чинело печатење на ваква брошура. Дел не сакаа да коментираат, а други ни одговорија дека требало да го однесеме отчетот на анализа кај нив, па да ни кажат.

    Во отчетот се наведени околу 150 реализирани проекти. Меѓу нив и изградбата на пругата од Битола до грчката граница, иако проектот запре минатата година, кога без трага исчезнаа парите што ЕУ ги даде за градба. Во отчетот има појаснување дека линијата е во тек на реализација во соработка со Владата, иако проектот беше на Владата на Груевски, која веќе не е на власт.

    Понатаму, во реализираните проекти наведени се катните гаражи, кои Талески ги ветуваше уште за првиот мандат, а уште ги нема во Битола. Па, дека топлификацијата првите резултати во Битола ќе ги даде годинава, а на терен не е поставена никаква инстраструктура.

    Во реализираните проекти запишан е и хотелскиот комплекс Ниже Поле кој веќе со години е под клуч. Ама и за него донеле урбанистичко-планска документација и ја продолжиле постапката за пронаоѓање приватен инвеститор. Понатаму, изградбата на новиот храм за Свети Нектариј во центраот на Битола, за кој владиката Петар лани изрази жалење што со градоначалникот не успеале да го изградат. Според отчетот, во тек е и изработка на проектна документација за реконструкција на Офицерскиот дом и за ред други проекти кои стојат незавршени.

    Против Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира