КИНЕСКИОТ АВТОПАТ ПРИСТИГНА ВО СОБРАНИЕ, ПРАТЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ОДОБРАТ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ГРАДБАТА

    КИНЕСКИОТ АВТОПАТ ПРИСТИГНА ВО СОБРАНИЕ, ПРАТЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ОДОБРАТ ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ГРАДБАТАПочетокот на изградбата на автопатот Скопје-Штип во февруари 2014 година, со поставување камен-темелник го означи поранешниот премиер Никола Груевски(Фото:МИА)

    Пратениците во Собранието треба да изгласаат измени на законите со кои ќе се овозможи продоложување на градбата на автопатскитеделници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид. Станува збор за автопатите што ги гради кинеска компанија и кои поради низа спорни моменти на што укажаа дел од незаконски прислушуваните разговори, резултираа со  подигнување на обвиненија од Специјалното јавно обвинителство за високи функционери од претходната влада.

    Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид доставен е до Собранието за усвојување по итна постапка. Со него, се бара поради изменети и корегирани градежни работи на делницата, рокот за завршување на автопатот Миладиновци-Штип наместо до први мај 2017, да се продолжи до  30 септември 2018 година.

    Во образложението на Предлогот стои дека измените и дополнувањата на Законот за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, по итна постапка, е заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството.

    Анексот на договорот за изградба на делницата Миладиновци-Штип ќе го склучат Јавното претпријатие за државни патишта и компанијата „Синохидро“ од Кина, која ги гради новите автопати.

    Проблемот со кинеските автопати излезе на виделина по преземањето на власта на СДСМ и формирањето на новата влада. Во јуни годинава, Владата откри дека работите на делниците Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид се прекинати поради големи пропусти во проектите и во надзорот.

    Поранешната Влада на Никола Груевски најави дека автопатот Кичево – Охрид ќе чини 374 милиони евра, но, новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески од СДСМ, на почетокот на јули изјави дека поради катастрофални грешки за завршување на автопатот Кичево-Охрид ќе мора да се издвојат дополнителни 120 милиони евра.

    Премиерот Зоран Заев во Собранието на 22 јуни рече дека работата на автопатите мора да се прекине бидејќи целата траса е промашена. „Не може Владата да продолжува бандитски работи на автопатите, мораше да се прекине работата. Во спротивно, тоа би било продолжување на криминал од наша страна“, рече премиерот Зоран Заев во Собранието на седницата за избор на заменици министри во Владата.

    Во јуни новата влада добила барање од кинеските изведувачи „Синохидро“ за продолжување на рокот за изградба на делницата кон Штип, но и дополнителни пари за покривање на пропустите за кои од поранешната влада добиле потпис дека вината не е кај нив.
    Поранешниот вицепремиер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Пешевски на кинеските изведувачи им потпишал документ, според кој не тие, туку Македонија ќе плаќа за доцнењето во изградбата на автопатот Миладиновци-Штип.

    ПЕШЕВСКИ ПОТПИШАЛ МАКЕДОНИЈА ДА ПЛАЌА ЗА ДОЦНЕЊЕТО НА КИНЕЗИТЕ ЗА АВТОПАТОТ КОН ШТИП

    СЈО СО ИСТРАГА ЗА ПРОНЕВЕРЕНИ 155 МИЛИОНИ ЕВРА ОД АВТОПАТИТЕ ШТО ГИ ГРАДАТ КИНЕЗИТЕ

    За тендерите со автопатите обвинение поднесе и Специјалното јавно обвинителство. Станува збор за случајот „Траекторија“ во кој поранешниот премиер Никола Груевски и неколку високи владини функционери се сомничат дека проектот незаконски го доделиле на кинеската градежна компанија со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 155 милиони евра.
    Кривичниот суд веќе одреди мерки за претпазливост за поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, кој е еден од обвинетите во „Траекторија“. Но наместо притвор, како што бараше СЈО, на Пешевски му е одземен пасошот и му е наложено секој вторник да се јавува во судот.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира