Мора да има одговор. Што и да ги повредува американските дипломати во Хавана, непознато им е на лекарите, научниците и аналитичарите на разузнавачките служби, кои трагаат по одговорите. Истрагата следи многу теории, меѓу кои и звучен напад, електромагнетно оружје или дефектен шпионски уред.
Се чини дека секое објаснување одговара на делови од тоа што се случило, и е во спротивност со другите.
САД дури и не знаат како да го наречат ова. Државниот секретар Рекс Тилерсон ја употреби фразата „здравствени напади“. Стејт департментот претпочита „инциденти“.
Како и да е, сомнежот падна на Куба. Но, иследниците, исто така, испитуваат дали е виновна одметната фракција на нејзините безбедносни служби, друга земја како Русија или некоја комбинација, изјавија за „Асошиетед прес“ над десетина официјални претставници на САД запознаени со истрагата. Тие службеници зборуваа под услов да останат анонимни, бидејќи не беа овластени јавно да разговараат за истрагата. АП исто така разговараше со научници, лекари, експерти за акустика и оружја и други за теориите што се испитуваат.
Можеби најголемата мистерија е зошто симптомите, звуците и чувствата варираат толку драматично од личност до личност. Од 21-те медицински потврдени американски жртви, некои имаат трајно губење на слухот или потреси, додека други страдаат од гадење, главоболки и ѕвонење во ушите. Некои се борат со концентрација или општо сеќавање на зборови, објави АП. Некои почувствувале вибрации или слушнале гласни звуци кои мистериозно се слушале само во делови од просториите, а други ништо не слушнале.
„Ова се многу неспецифични симптоми. Затоа е тешко да се каже што се случува“, вели д-р Х. Џефри Ким, специјалист за нарушувања на ушите во Универзитетската болница во Џорџтаун, кој не е вклучен во истрагата.
За да се реши загатката, истражувачите ги сортираат симптомите во категории, како што се аудитивни и невролошки. Може да има застој пред жртвите да откријат или пријават симптоми, од кои некои тешко се дијагностицираат. Па инспекторите ја утврдуваат временската рамка на пријавени инциденти за да идентификуваат „кластери“ што ќе помогнат во решавањето на кога, каде и како се случила мистеријата во Хавана.
Иако Куба е изненадувачки кооперативна, дури ја покани ФБИ да дојде во Хавана, тоа не е исто како истрага со целосна контрола на американската влада.
„Ти си на странска почва“, вели Дејвид Рубинкам, поранешен агент на ФБИ, кој работел во Москва. „Квалитетот на информациите и доказите што ги собирате е ограничен на она што владата на земјата домаќин ќе ви овозможи да ги видите и слушнете и допрете и направите”.
Особено кога дури и не знаете што барате.
ЗВУЧЕН УРЕД
Првите знаци укажаа на звучен напад. Но од каков вид? Некои жртви слушнале нешто – знаци дека звуците биле во слушниот спектар. Гласниот шум може да му наштети на слухот, особено звуците со високи децибели кои можат да предизвикаат ѕвонење во ушите, скинати ушни тапани, па дури и трајно губење на слухот. Но, другите не слушнале ништо, а сепак се разболеле. Па инспекторите сметаат дека станува збор за нечуен звук: инфразвук, премногу низок за да го чујат луѓето, и ултразвук, премногу висок.
Инфразвукот често се доживува како вибрации. Некои жртви пријавиле чувство на вибрации. И не е невозможно инфразвукот да е она што некои од дипломатите мислат дека го слушнале. Иако инфразвукот е обично нечуен, некои луѓе можат да го детектираат ако брановите се доволно моќни. На пример, поединци кои живеат во близина на турбини што создаваат инфразвук велат дека пулсирачките шумови им прават вртоглавица, гадење или прекини во спиењето. Таквите ефекти предизвикаа жестока научна дебата.
Проблемите со одржување рамнотежа пријавени во Хавана? Веројатно се објаснува со инфразвук, кој може да ги стимулира клетките во вестибуларниот систем на увото кој ја контролира рамнотежата, велат научниците. Но, има малку докази дека инфразвукот може да предизвика трајно оштетување откако звукот ќе престане.
ЕЛЕКТРОМАГНЕТНО ОРУЖЈЕ
Може да звучи како фантазија од „Војна на ѕвездите“, но електромагнетното оружје се користи со години. Тоа обично ѝ штети на електрониката, а не на луѓето.
Електромагнетниот спектар вклучува бранови како оние што ги користи мобилниот телефон, микробрановата печка и светилките. И тие лесно може да се насочат. Како ласерот, на пример. Таквите бранови, можат да патуваат и низ ѕидовите, па веројатно електромагнетен напад може да биде изведен тајно од далеку.
Има преседан. Повеќе од една деценија, до крајот на 1970-тите, поранешниот Советски Сојуз ја бомбардираше американската амбасада во Москва со микробранови. Точната цел никогаш не била јасна.
Што е со звуците што ги слушаат луѓето? Микробрановите импулси – кратки, интензивни експлозии – може да предизвикаат луѓето да „слушаат“ кликање на звуци. Според две децении стариот американски патент на воздухопловните сили, американската војска истражувала дали овие експлозии можат да се манипулираат за да се насочи „зрак“ од гласови или други звуци до нечија глава.
Но, кога електромагнетните бранови предизвикуваат физичко оштетување, тоа обично резултира од греење на телесното ткиво. Дипломатите во Куба не пријавиле дека почувствувале печење.
ТЕОРИЈАТА ЗА КУБА
Природно е дека американското сомневање започнало со Куба. Нападите се случија на кубанска почва. Двете земји рутински си ги малтретираа дипломатите во текот на половина век непријателство. И покрај намалените тензии во текот на изминатите неколку години, недовербата остана.
Дипломатите пријавиле инциденти во своите домови и во хотели. Кубанските власти би знаеле кој каде престојува.
Но, што е мотивот?
Кога симптомите се појавија во ноември минатата година, Куба грозничаво работеше со САД за да постигне напредок во сè, од пристапот до Интернет до правилата за имиграција, пред да заврши претседателскиот мандат на Барак Обама. Официјалните претставници сé уште не разбираат зошто Хавана во исто време би извршила напади со што би можеле целосно да го уништат својот нов однос со Вашингтон.
Реакцијата на кубанскиот претседател Раул Кастро го продлабочи скептицизмот на иследниците, според официјалните претставници информирани за ретките дискусии што тој ги имал лице в лице за ова прашање со американскиот главен претставник во Хавана. Предвидливо, Кастро ја негираше одговорноста. Но, официјалните претставници на САД беа изненадени што Кастро изгледаше вистински потресен, и дека Куба понуди да дозволи ФБИ да дојде и да испита.
Потоа, се разболеа Канаѓаните. Зошто нив?
Топлите, долготрајните врски меѓу Куба и Канада направија да изгледа уште помалку логично дека владата на Кастро е виновна.
АУСАЈДЕРИ
Кој друг би се осмелил? Истражувачите на САД се фокусираа на мала група на вообичаено осомничени: Русија, Иран, Северна Кореја, Кина, Венецуела.
Русија, особено, агресивно ги малтретира американските дипломати во последниве години. Москва дури има и веродостоен мотив: ставање клин меѓу комунистичкиот остров и „Западот“ – држави како што се САД и Канада. Русија, исто така, има напредно, тешко за откривање оружје кое на голем дел од светот му недостасува и можеби дури и не знае за него.
Ниту еден од официјалните лица интервјуирани за оваа приказна, сепак, не укажа на каков било доказ што би ја поврзал Русија со болестите. Истото важи и за другите земји.
ШПИОНИРАЊЕ ШТО ФАТИЛО КРИВ ПРАВЕЦ?
Можеби никој воопшто не се обидел да ги повреди Американците. Неколку официјални претставници на САД ја истакнаа можноста виновникот само да ги набљудувал американските дипломати користејќи некои нови, непроверени технологии што предизвикаа ненамерна штета.
Можеби мислите дека уредите за прислушување едноставно примаат сигнали. Но, светот на шпионажата е полн со чудни приказни.
За време на Студената војна, американската амбасада во Москва откри дека Русија ги слуша разговорите преку дрвена плоча која американскиот амбасадор ја доби како подарок. На плочата имаше мал „микрофон“ и вградена антена, но нема извор на енергија, што го отежнува откривањето дури и кога просторијата е претресена за прислушни уреди. Русите развија нешто ново. Тие далечински зрачеа електромагнетни бранови за да го активираат уредот, кој потоа го пренесуваше звукот назад преку радиофреквенции.
Сепак, ако Кубанците или некој друг се подеднакво иновативни, не е јасно зошто инцидентите продолжија откако САД и Канада се пожалија.