Премиерот и лидер на владејачката СДСМ Зоран Заев денеска од валандовско Јосифово истакна дека изградбата на рудниците во југоистокот ќе застане. Тој подвлече дека многу поважно е здравјето на граѓаните отколку отварање рударски капацитети во најземјоделскиот регион во државата, при што на инвеститорите им порача „да се подготват“ оти рудниците ќе застанат со изградба.
„Овие концесии за експлоатации и дел за геолошки истражувања се дадени од претходната власт. Ние ќе водиме мудри постапки да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете – рудниците ке застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент, рудниците да застанат поради тоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и идните генерации“, кажа премиерот Заев во валандовско Јосифово.
Тој пред граѓаните на Јосифово подвлече дека нема ништо поважно од здравјето на луѓето, при што ги охрабри сите граѓански организации, но и партиски активисти да бидат на страната на еколошко и здраво Валандово.
„Јас сум економист, бизнисмен човек, но има ли нешто поважно од здравјето на луѓето од здравјето на нашите деца? Нема ништо поважно од тоа. Затоа, нашиот официјален став е да престане изградбата на рудници, да престанат сите постапки околу рудниците, бидејќи тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Република Македоија“, кажа Заев.
Во Општина Валандово се гради рударскиот комплекс Казандол за производство на катоден бакар од англиско-украинската компанија „Сардич МЦ“. Граѓанските организации со месеци се противеа на негова изградба, а во август на нивна инцијатива се одржа референдум каде 4.500 валандовчани се изјаснија против отварање рудници во нивната општина, но реферндумот не беше успешен поради недоволна излезност .
В. ТРАЈКОВ