ФАЛАТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ НА ДЕТСКА КЛИНИКА

    ФАЛАТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ НА ДЕТСКА КЛИНИКАНедостатокот од медицински кадар Клиниката за детски болести ќе го решава по локалните избори. - Д-р Катерина Ставриќ, директор на Детска клиника. (Фото:СДК.МК)

    Нема доволно медицински сестри на Клиниката за детски болести за да може интензивната нега до функционира со полн капацитет. Реновирањето и проширувањето на интензивната нега е при крај, а д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести, вели дека неделава очекуваат да добијат и технички прием и да ја пуштат во употреба. Таа рече дека новата интензивна нега има капацитет од 21 кревет, од кои 16 се места со респиратор.

    „Досега интензивната нега не е пуштена во функција, оти не беше извршен технички прием. За да се направи тоа треба да се соберат сите документи спецификации, како за градежните работи, така и за новите апарати. Да се обезбедат гарантни листови и сета потребна документација. Откако беа завршени градежните работи се утврди дека треба да се одвојат педијатрискиот дел и интензивната нега и тоа беше направено. Имаме нови инкубатори, нови монитори, но документите за нив не беа обезбедени и тоа го обезбедивме. Направена е комплетно нова комресорска станица“, рече д-р Ставриќ.

    Новите апарати на Клиниката се донација од турската организација ТИКА, од Министерството за здравство од компанијата „Проџект хол“. Со постоечкиот кадар со кој располага Клиниката, како што кажа д-р Ставриќ, новата интензивна нега нема да може да работи во полн капацитет.

    „Имаме осум доктори на интензивна нега, и тие се доволно. Но нѝ недостигаат медицински сестри. За да може оптимално да работи интензивната нега нѝ требаат најмалку уште 15 медицински сестри“, рече Ставриќ.

    Додека не завршат локалните избори, Клиниката нема да може да вработува.
    Во моментов интензивната нега работи со шест кревети. Д-р Ставриќ рече дека и на одделите има услови деца да се стават на респиратор, ако за тоа има потреба.

    Е. БОЧВАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира