Тричлениот совет од организиран криминал во Скопска апелација одлучи да не му го врати пасошот на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Апелациониот суд Лилјана Шопова.
Груевски е обвинет од СЈО во случаите „ТНТ“, „Титаник“, и „Насилство и шамари во Центар“.
Груевски во септември беше одбиен од Основниот суд Скопје 1, од каде си го побара пасошот назад поради добро однесување и редовно пријавување таму. По жалбата, вчера заседаваше тричлениот совет во Апелација, каде не дојде обвинетиот Груевски, туку за него зборуваа двајцата бранители.
Тие рекоа дека судот треба да има предвид за активностите на Груевски како лидер на најголемата опозициона партија, дека пасошот му е повеќе од потребен за да ги извршува нормално лидерските обврски, а приложија до судот и доказ – покана за службена посета лично од премиерот на Унгарија Виктор Орбан.
Македонската и дипломатската патна исправа на Груевски му се земени на трети јули, како замена за мерката притвор што ја бараше СЈО за него, во големиот случај за изборни нерегуларности именуван како „Титаник“.
С. К. ДЕЛЕВСКА