Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре закажа собраниска седница на која треба да се констатира престанок на пратеничките функции на пратениците кои беа избрани за градоначалници во првиот круг на локалните избори.
На дневниот ред објавен на веб страницата на Собранието ги нема точките за констатација дека на пратениците им престанува функцијата бидејќи станаа градоначалници. Според собранискиот Деловник, дополнение на дневниот ред може да се направи и на самата седница.
Извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека закажувањето на седница од претседателот Џафери, значи дека на координацијата на координаторите на пратеничките групи биле испеглани недоразбирањата и ќе има кворум за да може Собранието да ги верифицира новите пратеници. За да се констатира престанокот на функциите и верификација на новите пратеници, треба да има кворум од 61 пратеник.
Во случај сепак пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не дојдат на седница и да се блокира работата на Собранието, тогаш според собранискиот Деловник, како опција на претседателот Џафери за да избегне блокада, може да закажува посебни седници за секој пратеник на кого му престанала функцијата на која ќе се гласа за престанок на функцијата .
На седницата пратениците треба да констатираат дека на пратениците Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Максим Димитриевски и Коста Јаневски им престанува пратеничкиот мандат бидејќи станаа градоначалници. На седницата треба да се констатираат и оставките на Биљал Касами, лидер на Движењето Беса и на пратеникот на ДПА Бардиљ Даути, кои ги дадоа уште пред оддржувањето на локалните избори.
Според Законот, Државната изборна комисија (ДИК) треба да го извести претседателот на Собранието кои пратеници од актуелниот состав се избрани за градоначалници, а претседателот на Собранието ќе закаже седница на која треба да констатираат престанок на пратеничките функции на пратениците кои станале градоначалници.
Во Парламентот ако се констатира престанокот на пратеничките функции на Петре Шилегов кој стана градоначалник на Скопје, Стефан Богоев, градоначалник на скопската општина Карпош, Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, Сашо Поцков, градоначалник на Гевгелија и Коста Јаневски за Струмица, место нив влегуваат во Собранието Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов,
Ако Собранието ги прифати оставките на Лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами и на пратеникот на ДПА Бардиљ Даути, на нивни места влегуваат Неџбедин Каремани и Мерал Узеири Ферати.
Г.ТРПЕНОСКИ