Да се реши проблемот со недостиг на вода за пиење, бара од новата локална власт во Неготино семејството Иванови, кое има две деца со церебрална парализа за кои хуманитарно доби електрична кран дигалка која треба да им го олесни животот.
„Нашата ќерка има 22, а синот 14 години. Тие се деца на кои водата им е многу потребна, особено за одржување на хигиената, но се соочуваме со секојдневни редукции на водата. Патиштата се непроодни, објектите недостапни за овие лица, тротоарите се многу високи, количка да качиш од коловоз на тротоар е незамисливо, обичните може, но електричните нема шанса да се качат на тротоар. Така што, има многу работи што треба да се сменат”, вели мајката Светлана Иванова.
Таа рече дека се надева оти соработката со новите претставници на локалната и државната власт ќе биде поголема и условите ќе се подобрат.
„Бараме покачување на посебниот додаток”, вели Иванова.
Според Министерството за труд и социјална политика, во Неготино има 100 лица со посебни потреби кои користат посебен додаток. Од нив, 81 лице се корисници на посебен додаток во висина од 4.366 денари, 13 се корисници на посебен додаток за носител самохран родител од 6.549 денари, 6 се корисници на посебен додаток-носител корисник на социјална парична помош од 5.457 денари.
Новиот градоначалник на Неготино Тони Делков вели дека во наредниот период првин е потребно да се направи ревизија на проектот за водоснабдување.
„Оној проект кој Општина Неготино го го започна за промена на линиите во водоснабдителниот систем е во една фаза во која нема приклучок до домовите. Имаме забелешки во делот на самата изградба на системот. Наша обврска е што побрзо да ги приклучиме тие линии. Со тоа и со нашиот нареден проект кој треба да продолжи во пет-шест дополнителни линии, би ги намалиле загубите на вода. Неготино, за жал, има педесет отсто загуби на вода во системот, според нашите првични сознанија. Ако е така, тогаш правецот во кој треба да се движиме е токму замена на старите и дотраени линии. Има доста диви приклучоци кои се дополнителен проблем. Се надевам дека во мојот мандат загубите на вода ќе ги доведеме на некое разумно ниво од 20 до максимум 25 проценти“, вели Делков и додава дека дека крајна цел на сите преземени активности ќе биде најпрвин намалување на времето за рестрикции на водата за пиење, а подоцна и нивно целосно укинување.
Околу седумдесет литри во секунда добива Неготино од регионалниот водовод Лукар.
Делков најави и проект за овозможување пристапност до институциите кои се под локалната самоуправа за лицата со посебни потреби.
С. ДАРУДОВА