ГРЦИЈА СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ГИ ВРАТИ МАКЕДОНСКИТЕ ИМИЊА НА ТОПОНИМИТЕ ВО ЛУТРА

    ГРЦИЈА СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ГИ ВРАТИ МАКЕДОНСКИТЕ ИМИЊА НА ТОПОНИМИТЕ ВО ЛУТРАЗа да добијат пари од европски проект за развој на руралниот туризам услов било да ги вратат старите ознаки на местата, па среде Лутраки пишува со латичнично писмо „Pozar“, „Kajmakcalan“, па дури и имиња на околните села

    Во недела сите патишта од Битола како да водат за Лутраки. Колку што има битолчани во термалните бањи на некогашено Пожарско во Егејска Македонија, денешна Грција, толку многу нема ни на Широк Сокак, на Пелистер или во Преспа. Последниве години, капењето во реката и базените со топла вода во Лутра, како што во Грција е преименуван Пожар, стана главна викенд занимација на битолчани.

    Грците одат во нивни кафеани, а Македонците само „Кај Митре“, чиј сопственик одлично зборува македонски (Фото: СДК.МК)

    Повеќето велат дека одат редовно и до сега никој ништо не им дофрлил. Сепак, на граница, на регистарските таблички од возилата на кои пишува МК, цариникот на стаклото од автомобилот лепи лепенка со натпис „ознаката МК не е признаена во Грција“. Но во Лутраки и околните села сите зборуваат македонски јазик.

    Лутраки со право го нарекуваат воден рај. Оддалечено од Битола е на час и половина возење со автомобил. Сместено во Мегленската котлина, во подножјето на планината Ниџе, низ него протекува река со термална вода. Дел од посетителите се капат во реката, но повеќето во изградените околни базени. Влезницата во базените е од 1,5 до 3 евра, а работат до 20, 30 часот. Водата е лековита за ишијалгии и многу други болести. Пријатна е во овој дел од годината поради температурата која достигнува над 30 степени Целзиусови. Тоа овозможува капење на отворено и кога е ноќе. Иако надвор е студено, од испарувањето на водата не се чувствува студ.

    На граница, на регистарските таблички од возилата на кои пишува МК, цариникот на стаклото од автомобилот лепи лепенка со натпис „ознаката МК не е признаена во Грција“, но во Лутраки и околните села сите зборуваат македонски јазик (Фото: СДК.МК)

    Местото изобилува со ресторани, но гостите се поделени. Грците одат во нивни кафеани, а Македонците само „Кај Митре“. Овој хотел-ресторан е сместен крај самиот главен пат, а пред влезот на кирилица со големи букви испишано е името. Сопственик е Димитри Плескас, кој ги подготвува највскусните печења под сач. Одлично зборува македонски јазик, а кога ќе му порачате, на пример, грчка салата вели „ова кај нас е селска сaлата, грчка барајте од Ламија па надолу.“ Во кафeаната слободно се пеат македонски песни и се играат македонски ора.

    Лутраки е исклучок во Грција по тоа што се вратени топонимите на македонски јазик. Како што велат жителите, за да добијат пари од европски проект за развој на руралниот туризам услов било да ги вратат старите ознаки на местата. Така, среде Лутраки пишува со латичнично писмо „Pozar“, „Kajmakcalan“, па дури и имиња на околните села.

    Овде, и во Лутраки и во околните села, сите зборуваат на македонски јазик, без разлика дали се минувачи, ловци кои во недела излегле на Кајмакчалан да уловат дивеч, возачи во автомобили. Ги прашувате: „Пат за Лутраки?“. Tие ви одговараат на македонски: „Свртите лево, десно“ и слично. Ако заглавите низ селата на Кајмакчалан, зашто патот низ планината не е добро обележан, ќе има кој да ви помогне.

    Инаку, до Лутраки водат два пата, едниот поблизок за Македонците кои доаѓаат од граничниот премин Меџилија. Кога ќе минуваат низ подножјето на Кајмакчалан, патот не е добро обележан, има повеќе споредни патчиња кои можат да ги збунат посетителите. Исто така, пронижен е со дупки, на места без испишана бела лента водилка, па потсетува на патиштата во пограничните села до Македонија чија патна инстраструктура не е на исто рамниште како во другите предели на Грција.

    На враќање, на грчкиот граничен премин Ники за влез во Македонија, грчките цариници на кабините залепиле натпис на македонски јазик во кој се појаснува на која лента да запираат возилата за контрола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира