КАРПОШАНИ СО ГРАЃАНСКИ СТРАЖИ ЌЕ ГИ ОСЛОБОДУВААТ ТРОТОАРИТЕ ОД КОЛИ

    КАРПОШАНИ СО ГРАЃАНСКИ СТРАЖИ ЌЕ ГИ ОСЛОБОДУВААТ ТРОТОАРИТЕ ОД КОЛИКарпошани велат дека тротоарите и зеленилото секој викенд се блокирани од возила, па затоа во сабота и недела на сите коли кои непрописно ќе бидат паркирани ќе им лепат налепници.(Фото: Фејсбук/Заедно за заштита на зеленилото во Карпош)

    Жителите на Карпош со граѓански патроли ќе ги ослободуваат тротоарите и зеленилото околу ТЦ „Сити мол“ од паркирани возила. Карпошани велат дека иако повеќе пати алармирале за овој проблем до Општина Карпош и Град Скопје, никој не презема никакви мерки. Затоа во сабота и недела на сите коли кои непрописно ќе бидат паркирани ќе им лепат налепници.

    Кога институциите не си ја вршат работата, имаме право и должност да си ја земеме работата во свои раце. Идејата е во сабота и недела да лепиме летоци на непрописно паркирани возила, а од наредниот викенд, по договор да формираме доброволна патрола која ќе влезе во акција. Акцијата во прво време би била лепење стикери на шофершајбни кои што тешко се вадат, па ако нема ефект, може да се размислува за порадикални мерки“, пишуваат граѓаните од „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ на социјалните мрежи.

    Жителите на Карпош 4 минатата недела испратија барање до Општина Карпош и Град Скопје за да се реши проблемот со сообраќајниот хаос околу „Сити мол“. Секој ден особено за викендите паркинзите пред зградите, тротоарите па и зеленилото се блокирани од коли на посетители на трговскиот центар.

    Градоначалникот на Општина Карпош вели дека за решавање на овој проблем треба координирана акција заедно со Град Скопје, пајак службата и сообраќајната полиција. Веќе за овој викенд кога во „Сити мол“ е најавен „Црн петок“, Богоев побарал поголема асистенција на пајакот и полицијата, а ќе бара паркирањето во трговскиот да биде бесплатно.

    Со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов договоривме да се премести такси станицата на Љубљанска и на тротоарите да се постават столбчиња. Денеска сум на средба и со директорот на ‘Сити мол‘, да разгледаме опции како да се решиме овој проблем. Општината ќе постави рампи пред паркизните на зградите, а размислуваме улицата Волгоградска да  биде еднонасочна но во обратен правец, да не можат возилата да вртат лево кога доагаат во трговскиот. Ќе барам во иднина особено за викендите поголемо присуство на полиција и пајак служба за да престане паркирањето кој кај ќе стигне“, вели Богоев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира