БИРОКРАТИЈАТА ИМ ГО КРАТИ ЖИВОТОТ НА БОЛНИТЕ ОД ХЕПАТИТ Ц ШТО ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ЦРН ДРОБ

    БИРОКРАТИЈАТА ИМ ГО КРАТИ ЖИВОТОТ НА БОЛНИТЕ ОД ХЕПАТИТ Ц ШТО ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ЦРН ДРОБПретседателот на „Хепар центар“ од Битола Милан Мишковиќ во ИСМЕТ Институтот во Палермо, каде ја посети пациентката од Македонија на која и е пресаден црн дроб

    Пациентите со хепатит Ц умираат чекајќи пресадување црн дроб поради долгите бирократски процедури за одобрување трансплантација во странство и поради немање современа терапија, која ќе спречи прогресијата на болеста и потребата од нов орган.

    Невладината организација „Хепар центар“ од Битола апелира до здравствените власти што побрзо да се донесе новата терапија за хепатит Ц во земјава, која има тројно дејство, да служи како лек, да превенира карциноми и да спречи пренесување на вирусот. Според нив, буџетот за набавка на терапија за хепатит Ц на Клиниката за инфективни болести во Скопје е мал, а допрва ќе се изработува и Националната стратегија за елиминација на хепатитот до 2030 година.

    На 30-годишна пациентка од Скопје, заболена од хроничен хепатит Ц, вчера ѝ е трансплантиран црн дроб на ИСМЕТ Институтот во Палермо во Италија, кој важи за еден од најдобрите во Европа за вакви медицински зафати. Пациентката е мајка на шестгодишно дете, а вирусот на хепатит ѝ е откриен случајно при тестирање во бременоста. Со болеста се борела седум години, но поради оштетување на црниот дроб ѝ била неопходна трансплантација.

    Милан Мишковиќ, претседател на „Хепар центар“ од Битола, вчера ја посети пациентката во Палермо. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека постојано ја поддржувале пациентката во битката со болеста.

    „Таа три месеци во Палермо чекаше за конечно да добие орган, за кој што апелиравме што поскоро да се најде. Жената сега е на интензивна нега. Ѝ посакуваме што побрзо да закрепне и да се врати дома. Трансплантацијата на црниот дроб беше неопходна поради компликациите од хроничен хепатит Ц, за што нашата организација обезбеди донација за негова елиминација, а Фондот за здравствено осигурување ја одбри трансплантацијата за да се спаси девојката од сигурна смрт“, рече Мишковиќ.

    Според него потребно е да се поедностават бирократските процедури за трансплантација и да се даде итност на ваквите случаи.

    „Апелираме да се поедностават постапките за трансплантација во нашата земја, бидејќи бирократските процедури се доста сложени и доста време се губи во прибирање на самата документација како и при самото решавање на случајот. Целата постапка се одвиваше од крајот на јануари до почетокот на јули. Минува доста време, посебно ако настане и проблем со донорството, што беше пример овде. Пациентката чекаше дополнителни три месеци во Палермо, за да се изврши трансплантацијата. Институциите да се фокусират дирекно на проблемот, а не на бирократијата“, вели Мишковиќ.

    Пациент од Куманово ја немал среќата на жената од Скопје, да дочека трансплантација на црн дроб. Иако бил пратен за трансплантација во Турција, хепатоцелуларниот карцином бил премногу раширен, па не бил направен зафатот. Подоцна починал. Уште еден пациент веќе е во стадиум кога е неопходна трансплантација.

    Ракот на црниот дроб е втора најчеста причина за смрт од рак во светот

    Претставници од „Хепар центарот“ деновиве се на конференции во Палермо, на кои се дисутира за проблематиката на хепатитот Б и Ц, а присуствуваат многу меѓународни здравствени организации и експерти.

    „Најновите показатели кои беа презентирани во Палермо се дека карциномот на црниот дроб е на 6. место по зачестеност од канцерогените заболувања, а се искачи од четврто на второ место како најчеста причина за смртност кај пациенти болни од рак. Ако не се забрза елиминацијата на хепатитот, ќе го достигне и првото место во Источна Европа и на Балканот“, вели Мишковиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира