НЕМАМЕ НАМЕРА СО ПОМОШТА ЗА ВИЗ ЕР ДА ГИ ИЗБРКАМЕ ДРУГИТЕ КОМПАНИИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА

    НЕМАМЕ НАМЕРА СО ПОМОШТА ЗА ВИЗ ЕР ДА ГИ ИЗБРКАМЕ ДРУГИТЕ КОМПАНИИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТАМинистерот за транспорт и врски Горан Сугаревски не гледа проблем во форсирањето на нискобуџетни компании со пари од македонските граѓани. Договорот со унгарската „Визер“ истекува в година и Владата ќе распише нов оглас за заинтересирани нискобуџетни компании кои ќе понудат нови дестинации.(Фото:СДК.МК)

    Владата на Зоран Заев планира по истиот урнек како и Владата на Никола Груевски да продолжи со субвенции за нискобуџетни летови кон македонските аеродроми, иако со тоа се нарушува конкуренцијата меѓу европските играчи во авиосообраќајот.

    Вчера министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски најави дека и в година Владата ќе одвои 1,7 милиони евра како поддршка на проектот за финансиска поддршка за нови дестинации. Од Министерството изјавија дека од Европската комисија во Брисел нема стигнато никаква забелешка за владините субвенции во авиосообраќајот, иако минатата година од Европската комисија за транспорт и регионална политика потврдија дека се загрижени за форсирањето на само една компанија со пари на даночните обврзници и ставањето на други субјекти во нерамноправна положба на пазарот.

    Станува збор за унгарската компанија Визер која добива владини субвенции од 2012 година.

    Министерот Горан Сугаревски на претставувањето на Буџетот за 2018 година рече: „Со оглед на тоа дека договорот со актуелната компанија која добива финансиска поддршка од Владата истекува во 2018 година, планираме да распишеме нов јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни компании“.

    На нашето прашање дали со форсирањето на нискобуџетни превозници кои не летаат до големи центри, туку до помали алтернативни аеродроми, Владата има стратегија и Скопскиот аеродром да го промовира како нискобуџетен, од Министерството за транспорт и врски за САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека со субвенционирањето на нискобуџетните летови не им е цел да ги избркаат редовните авиопревозници, туку да понудат повеќе дестинации на македонските граѓани.

    Од Кабинетот на министерот Сугаревски велат: „Стратешка цел на Владата е да овозможи раст и развој на воздушниот сообраќај во земјава и токму за таа цел имаме намера и во наредниот период да овозможиме финансиска поддршка за нискобуџетни авиокомпании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани преку пониски цени на авиобилетите“.

    Но, редовните авиокомпании кои летаат кон големите аеродроми во Европа од каде можат да се фатат конекции за прекуоекеански летови си заминуваат. Минатата година од македонскиот пазар се повлекоа италијанската „Алиталија“, швајцарската „Свис“ и чешката „Чех ерлајнс“.

    Другите компании што останаа да оперираат од Скопскиот аеродром обвинуваат за нетранспарентно делење на субвенциите, со што тие ставаат во нерамноправна положба наспроти субвенционираниот унгарски превозник. Во нерамноправна положба се и патниците на тие компании, што платиле цена со сите додатоци за аеродромска услуга, наспроти патниците на „Виз ер“ на кои дел од картата им ја плаќаат сите останати граѓани на Република Македонија. Практично, македонските даночни обврзници им ги плаќаат и картите на патниците од Косово и од јужна Србија затоа што се субвенционираат сите патници на Визер а не само носителите на македонски пасоши.

    Настрана што и Владата на Заев уште го држи во тајност договорот за концесија што Владата на Груевски ја потпиша со ТАВ, а и ТАВ не го објавува договорот што го има со „Визер“. Цената на аеродромските такси што ги плаќа „Визер“ воопшто не се изразени во фактурата што ја добиваат патниците, како што е случај со цените на картите на другите компании.

    Унгарската „Виз ер“ минатата година оствари 54,8 проценти од целиот сообраќај на Скопскиот аеродром, што ја прави компанија број 1 во Македонија. Успехот делумно се должи на субвенциите што приватната унгарска компанија ги добива од буџетот на македонските граѓани по две основи – еднократно за секоја нова дестинација и плус за секое продадено седиште.

    Во Министерството за транспорт не гледаат проблем во нелојалната конкуренција која имаат намера да ја поттикнуваат по урнекот на Владата на Груевски. Велат дека напротив, со субвенциите ќе го развиваат авиосообраќајот.

    „Согласно програмата на Владата, Охридскиот аеродром ќе го промовираме во нискобуџетен аеродром, односно аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат евтини летови за бројни атрактивни дестинации. Владата нема намера да воспостави нелојална конкуренција, наспроти тоа, со ова се овозможува развој на авиосообраќајот во Република Македонија како и искористување на капацитетите на аеродромите во Скопје и Охрид“, велат од Министерството за транспорт и врски.

    Претставник на австриската авиокомпанија Аустриан ерлајнс, дел од групацијата Луфтханза лани во мај ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот. Претставка до Брисел има испратено Приштинскиот аеродром.

    Од кабинетот на министерот Сугаревски велат дека до Министерството за транспорт и врски нема пристигната никаква официјална реакција од страна на Европската Комисија во врска со преставки

    Сепак, Европската комисија (ЕК) уште на почетокот на 2016 година почнала истрага во врска со субвенциите што македонската влада ги дава на унгарската компанија Виз ер и побара од македонските власти информации за поттикнување на нелојална конкуренција што може да го наруши договорот за Европскиот заеднички воздухопловен простор (ЕЕАЦ), чиј потписник е и Македонија.

    Субвенциите за одредени авиокомпании како проблем се споменуваат и во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира