БЕЗ ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА СЕКОЈ ДЕН ВОЗАТ КАМИОНИ И МИНИБУСИ СО ПАТНИЦИ ВО ТЕТОВО И ГОСТИВАР

    БЕЗ ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА СЕКОЈ ДЕН ВОЗАТ КАМИОНИ И МИНИБУСИ СО ПАТНИЦИ ВО ТЕТОВО И ГОСТИВАРПолицијата за 11 месеци открила 2.911 возачи кои возеле без да имаат возачка дозвола, или секојдневно најмалку по 8 возачи (Фото: СДК.МК)

    Секторот за внатрешни работи од Тетово во секојдневните превентивни контроли во изминативе 11 месеци открил 2.911 возачи кои возеле без да имаат возачка дозвола. Од нив 1.784 во Тетово,  а 1.127 во Гостивар. Тоа значи дека низ тетовските и гостиварските улици и патишта секојдневно најмалку 8 возачи возеле без да имаат положен возачки испит.

    „Најголемиот број од откриените таканаречени ‘диви’ возачи управувале со патнички возила, но посебно загрижуваат податоците дека без возачка дозвола се управувани и камиони, комби возила и минибуси во кои се превезувале патници. Станува збор за претежно млади лица на возраст од 16 и 17 години па се до 35-годишна возраст. Неретко меѓу овие лица што се откриени како управуваат со моторните возила без возачка дозвола има и такви на кои и претходно им е изречена казна за сторен ист ваков прекршок. Регистрирани се и неколку сообраќајни незгоди во кои учествувале и лица без положен возачки испит“, вели Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

    Освен што возат без положен возачки испит, голем број тетовци и гостиварци се возат и со возила на кои им е истечена регистрацијата. Ви изминативе 11 месеци во тетовско се откриени 1.453 возила, а во гостиварско 904 или вкупно 2.339 возила нерегистрирани .

    Во сузбивањето на возењето без положен возачки испит не помагаат ни високите казни за овој вид прекршок. Според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, глобата за ваков прекршок изнесува 300 евра и плус 400 евра за лицето кое е сопственик на возилото и го дало на управување на лицето што нема положено возачки испит.  За управување на возило со поминат рок на регистрација казните се движат од 100 до 500 евра.

    Во Тетово има регистрирано 12 автошколи и тоа е доволено да се задоволи побарувачката за обука за полагање возачки испит.

    „Младите од 17 и 18 години се најчести кандидати за обука за полагање возачки испит, а интересно е тоа дека во последно време имаме повеќе девојки  кои се пријавуваат за обука отколку машки кандидати.  Комплетната обука за полагање возачки испит изнесува 300 евра и таа цена е одредена од државата. Таа цена можеби за нас е и ниска, но за тие што сакаат да се стекнат со возачка дозвола и не е така висока кога ќе се земе в предвид колкави се казните. Во Тетово има доволно авто-школи за сите кои сакаат да ја поминат обуката и речиси воопшто нема чекање за да се почне со неа. Но мислам, а со тоа се согласуваат и сопствениците на другите авто-школи, во Тетово потребно е, покрај постоечкиот, да се отвори најмалку уште еден испитен центар. Ние, од авто-школите, ова повеќе пати сме го барале но без резултат. Порано имаше четири испитни комисии но сега работат само две“, вели Мираљим Мустафаи од авто-школата „Уно 1“.

    Полагањето на возачките испити во Тетово е во надлежност на Испитниот центар Автостарт и кој е опремен со неопходниот кадар и опрема. Во него во овој момент работат само две испитни комисии.

    „Бројот на испитните комисии е пропишан според закононот и ние работиме со две комисии. Законот вели дека може да има и повеќе испитни комисии но не мора. Слушаме дека има поплаки, но тие најмногу доаѓаат од нашите гастарбајтери кои за време на годишниот одмор доаѓаат тука и сакаат сакаат целата работа да ја завршат за што пократок период. Кај нас многу малку се чека на термин за полагање на возачкиот испит за разлика на пример во Скопје, па и во другите градови, каде чекањето за полагање возачки испит во испитните центри може да трае и по неколку месеци. Кај нас се чека најмногу две до две и пол недели, бидејќи работиме и по саботите“, изјави Виктор Ѓеорѓиев управител на Регионален испитен центар Тетово .

    Полагањето на возачкиот испит сосе авто школата и испитите, лекарското уверение и другите давачки изнесува околу 500 евра. Иако и оваа сума не е мала, сепак е пониска во однос на високите казни за управување возило без положен без возачки испит.

    „Но и покрај ова останува нејасно зошто има возачи кои повеќе сакаат да возат без да имаат положен возачки испит и со тоа да го загрозуваат својот живот, а и животот на другите учесници во сообраќајот“, велат од авто-школите.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира