СУДИЈКАТА ЗА „ПОТКУП“ ДИЈАНА ГРУЕВСКА-ИЛИЕВСКА ИЗЛЕГЛА ОД ЗАКОНСКИТЕ ОВЛАСТУВАЊА, ТВРДИ СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА

    СУДИЈКАТА ЗА „ПОТКУП“ ДИЈАНА ГРУЕВСКА-ИЛИЕВСКА ИЗЛЕГЛА ОД ЗАКОНСКИТЕ ОВЛАСТУВАЊА, ТВРДИ СКОПСКА АПЕЛАЦИЈАМесто да пресече дали ќе важат или не ПИ-мерките против Заев, Апелациониот суд Скопје вчера одлучи предметот да го врати на повторно одлучување во Основниот суд Скопје 1. - Заев на последното рочиште од „Поткуп“ на 25 декември (Фото: СДК.МК)

    Нов совет од тројца судии од организиран криминал и два поротника ќе го презеде „Поткуп“, по новата распределба на предметите во јануари, што треба да ја направи претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.

    Апелациониот суд Скопје вчера освен што го врати случајот на повторно одлучување во Кривичниот суд, најде и незаконско постапување во случајот „Поткуп“ од страна на судијката Дијана Груевска – Илиевска.

    Овој судски процес повеќе од една година е забетониран и стои во фаза на подготвителна расправа. Сега новиот судија кај кој ќе се падне предметот, ќе треба првин да одлучува по барањето на Заев за важноста на посебните истражни мерки, според кои тој е обвинет дека барал поткуп од струмички бизнисмен, па дури потоа да тргне со воведни зборови на странките, со изјаснувањето на Заев дали е виновен или не и со изведување на докази.

    Место да пресече дали ќе важат или не ПИ-мерките против Заев,  Апелациониот суд Скопје вчера одлучи предметот да го врати на повторно одлучување во Основниот суд Скопје 1, наоѓајки процесна грешка кај судијката Диана Груевска – Илиевска, која сама одлучила дека ПИМ-ките ќе важат како доказ.

    Груевска – Илиевска според Апелациониот суд не смеела да излезе од законските овластувања и сама да ја донесе таа одлука. Требало таа одлука да ја донесе советот од тројца судии и два поротника и да ја донесе за време на судската расправа. Но, како претседател на петорката, Груевска – Илиевска го сторила тоа сама, вон расправата. Апелациониот суд децидно упатува дека со тоа таа извршила повреда на законот:

    „Место одлуката да биде донесена од Советот кој бил во заседание, неа дополнително вон рочиште за главна расправа ја донел претседателот на советот со што во конкретниот случај излегол надвор од овластувањата утврдени со закон“, дециден е повисокиот суд.

    Дали после ваквото сериозно укажување на Апелациониот суд, Судскиот совет ќе покрене постапка против Груевска – Илиевска и дали ќе сноси и кривична одговорност, два дена никој не коментира. Но, тоа ги разбранува досега маргинализираните судии, кои Џолев со новиот распоред ги врати да работат на сите предмети. Според нив, потребна е итна ревизија на одлуките во Основниот суд Скопје 1, бидејќи од времето на раководењето на бившите претседатели Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев, ова самостојно носење на одлуки од страна на одредени судии – претседатели на совети, било вообичаена работа.

    Заев од советот на чело со Груевска – Илиевска бараше ПИ-мерките да не важат, едно поради тоа што беа јавно пуштени и „изгорени“ преку Јутјуб каналот. Второ, и поради тоа што со „голо“ уво се слушало дека снимката не била автентична, целосна и чиста, туку составувана од повеќе парчиња. Груевска – Илиевска донесе одлука пимките да важат, поради што одбраната поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, кој го врати предметот назад на повторно одлучување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира