Преку ЛЦД екрани и таблет компјутери поставени меѓу експонатите во илегалната партизанска оружарница од времето на Втората светска војна, граѓаните ќе можат да се запознаат како се правело оружјето за Народно ослободителната борба во Скопје.
Град Скопје денеска ја отвори реновираната прва партизанска оружарница, која со години не работеше, а во која е изложено оружје, алати и опрема. Се наоѓа на кејот на реката Вардар зад Археолошкиот музеј и ќе биде отворена за посетители бесплатно од вторник до петок од 10 до 18 часот. За викенди ќе работи само доколку има закажано групни посети.
Во работилницата која се наоѓала во семејната куќа на електромеханичарот Серафим Видевски од 1941 до 1944 година тајно се изработувало оружје и мини за партизаните. Во 1981 година е пренаменет во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ, но со години не беше отворен за посетители оти немаше услови за негова работа.
Во објектот изложен е рачен алат, статичен алат, куршуми, мини, а преку ЛЦД екраните посетителите можат да добијат информации како работела оружницата. Оваа илегална работилницата била мошне скромно опремена со зарѓани делови на оружје,револвери, пушки, шмајзери, но во неа се изработувале и боеви средства како конструкции на рачни бомби, пеколна машина, нагазни мини за железница.
„Некогаш познатата, а сега заборавена, илегална партизанска оружарница од денеска е повторно достапна за граѓаните, како вредно културно и историско наследство од современата македонска историја. Ќе биде отворена секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде полна со ученици од Скопје. Но, исто така, треба да стави уште една содржина на туристичката мапа на градот“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
А. АНТЕВСКА