Семејството Димитриевски во Куманово ги доби подароците што беа собрани во хуманитаната акција под елката на САКАМДАКАЖАМ.МК, која беше поставена во холот на трговскиот центар Сити мол. Во големата новогодишна хуманитарна акција Елка на хуманоста, со која се собираа подароци и донации за децата од 12 социјално загрозени семејства од целава земја, над 30 новогодишни пакетчиња, детска облека, играчки, сликовници, училишен прибор, козметички производи и храна, даруваa хуманите луѓе за ова Димитриевски, семејство на невработена самохрана мајка со три деца, жртва на семејно насилство.
Благородна (33), Лука (8), Лара (4) и Гаврил (2) за миг заборавија на секојневните проблеми и неизмерна радост ја исполни собата кога видоа дека не се заборавени од добрите луѓе. Пресреќни што на едно место има толку многу пакетчиња и шарени кутии, децата со воодушевување го отвораа секој подарок. Лара беше најсреќна кога ја пронајде кутијата со Барбика, додека Лука и Гаврил ги импресионираа камиончињата, топките, фломастерите…
„Благодарам на сите хумани луѓе. По објавувањето на приказната ни ги разубавивте празниците. Се јавија повеќе граѓани, а една невладина организација со Дедо Мраз донесе елка и пакетчиња. Мене најмногу ми значи помоштта во два кубика дрва за огрев, за да не мрзнеме, но и храната со која поминавме за Нова година“, вели Благородна.
И додека децата се преокупирани со слатките и подароците, мајката загрижено потсетува дека за 3-4 дена ќе останат на улица. Договорот за закуп на станот во кој живеат во последните 6 месеци завршува до 10 јануари, а потоа ќе мора да го напуштат ако не најдат пари и не потпишат нов тримесечен договор. Киријата е 100 евра месечно.
Благородна нема никаков приход ни социјална помош, а има заостанати сметки за неколку месеци. Поранешниот сопруг наместо да помогне во оваа тешка ситуација, се јавувал по телефон и се заканувал дека нема да ги остави на мира. Тие минатата година биле жртви на семејно насилство, поради што случајот е пријавен во полиција и во Центарот за социјална помош Куманово.
Самохраната мајка ги моли институциите и хумани граѓани да ѝ помогнат да се соберат барем 500 евра да ја плати киријата и сметките за да не остане на улица со децата, среде зима. Како и секој родител, сака децата да ги изведе на вистинскиот пат, Лара и Гаврил да ги запише во градинка за да најде работа, но тоа е недостижно за неа во овој момент.
„Еве неколку месеци ја чекам еднократната помош од Центарот за социјално, но сè уште ја нема. Да стигнеше, ќе ја платам кирија за јануари, вака сум без скршен денар. Јас не сакам милост, млада сум и сакам да работам, но нема кој да ми ги чува децата. Да ми дадат социјален стан, барем една собичка, да имаме кров над главата, и децата да ми ги примат во градинка, останатото ќе биде полесно. Затоа ги молам фирмите кои имаат потреба од работници да ми се јават, не бирам работа. Не можам повеќе да издржам вака без пари и секој месец да стрепам дали со децата ќе останеме на улица“, апелира Благородна.
Проблемите на семејството Димитриевски започнале во 2015, кога сопругот почнал да пие и да ги малтретира. Оттогаш се по туѓи куќи и живеат од помош на хуманите луѓе, иако веќе една година чекаат поддршка од државата како жртви на семејно насилство.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК е меѓу 12-те медиуми кои учествуваа во Елка на хуманоста. Секој медиум имаше своја елка во Сити мол под која граѓаните можеа да донираат подароци, а донирани се над 330 подароци за вкупно 40 деца од 12 социјално загроени семејства.
С. НИКОЛИЌ