НЕ ГЛЕДАМ ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА, ИНИЦИЈАТИВАТА Е ОД РОДИТЕЛИТЕ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ ЗА БАДНИКОВАТА ПОВОРКА

    НЕ ГЛЕДАМ ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА, ИНИЦИЈАТИВАТА Е ОД РОДИТЕЛИТЕ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ ЗА БАДНИКОВАТА ПОВОРКАГрадоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека поворката е граѓанска иницијатива, а Град Скопје само дал помош во обезбедување на превоз за децата бидејќи било побарано од организаторот.- Шилегов на денешната божикна литургија во Соборниот Храм во Скопје, заедно со претседателот Ѓорге Иванов (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нема политичка и верска злоупотреба на децата кои вчера учествуваа во Бадниковата поворка, а некои од нив пееја црковни песни и пред зградите на локалната власт, смета градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

    Според неофицијални проценки, околу 7.000 деца од Скопје и градовите низ земјава вчера беа дел од манифестацијата „Божиќни поворки“ која годинава се одржува по втор пат.

    Не е јасно како ваква манифестација се појави лани за прв пат во Македонија. Иницијативата тргна од Охрид. Од црквата не објаснуваат дали ваквиот вид процесии познати во католицизмот, се практикуваат и во православието. Децата носат скулптури на Исус, а скулптуралното прикажување на светците не е  својствено на православието, ниту пак на православните верски објекти, кои се карактеристични со фрескосликарство и иконопис.

    Градоначалникот на Скопје Шилегов вели дека поворката е граѓанска иницијатива, а Град Скопје само дал помош во обезбедување на превоз за децата бидејќи тоа било побарано од организаторот. Тој не кажа кој е организаторот и кој стои зад наводната граѓанска иницијатива.

    „Не гледаме дека е злоупотреба на децата, бидејќи таа иницијатива потекнува од самите родители на децата, кои свесно ги внеле децата во таа иницијатива. Ние како Град Скопје само излеговме во пресрет на определени потреби за превоз на децата со автобуси“, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање по Божиќната литургија во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје.

    Од Општина Центар соопштија дека децата сами дошле во Општината и по нивна желба му пееле божиќни песни на градоначалникот  Саша Богдановиќ.

    Општина Прилеп е една од ретките општини кои институционално не се приклучија кон оваа манифестација повикувајќи се на секуларноста на државата. Градоначалникот Илија Јованоски не ги прими децата во Општината бидејќи како што објаснија од неговиот кабинет, „верските традиции ги остава на МПЦ како институција и на граѓаните коишто во своите домови, во интимна атмосфера со најблиските ќе го изберат најдобриот начин како ќе ги чествуваат овие христијански празници и како ќе ги практицираат обичаите“.

    Децата со ѕвезди во рацете најпрво отидоа кај градоначалниците, каде ја пееја божиќната песна „Вечниот бог“, која го најавува Христовото раѓање. Градоначалниците ги даруваа со пакетчиња и подароци, а потоа од таму сите заедно организирано дојдоа пред Соборниот храм „Свети Климет Охридски“, каде се одржуваше Бадниковата прослава.

    Драги Змијанац, извршен директор на Прва детска амбасада во светот ,,Меѓаши“, реагираше за злоупотребата на деца во црковните процесии организирани од новоформираното здружение ,,Бадникови поворки“.

    Тој во изјава за порталот АКО.МК изјави дека станува збор за многу опасна и тендециозна идеја на „политичка злоупотреба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт и нивно користење за себепромоција“.

    „Погледнете ја црковната процесија во Скопје за т.н. Бадникови поворки, во која беа инволвирани над 7.000 деца и сè ќе биде јасно“, вели Змијанац.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира