Триесет и шест дистрибутери биле казнети во првата недела откако Град Скопје ја воведе забраната за дотур на стока од 7.30 до 18 часот.
Од први јануари Град Скопје како една од мерките за намалување на загадувањето го ограничи дотурот на стока во центарот на градот. Првите два дена по воведување на забраната полицијата ги опоменуваше фирмите кои не ја почитуваа забраната.
„Од 4 јануари се спроведуваат контроли и досега казнети се 36 дистрибутери. Забраната се однесува за паркирање на тротоар или улица, односно камионите може да се движат низ центарот и да се паркираат на паркинг простори и од таму да ја доставуваат стоката, но не и на јавни површини како што најчесто се случуваше и го оставаа возилата запалени“, велат од Град Скопје.
Забраната за дотур на стока ќе важи до 31 март за центарот на градот, односно за потегот од Рузвелтова до железничката станица, од Илинденска до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот Теодосиј Гологанов до Јужен булевар.
Дистрибутерите кои нема да ја почитуваат забраната ќе бидат казнети со 45 евра или 150 евра. Ако комбињата истовараат стока на улица казната ќе биде 45 евра, а ако се паркирани на тротоар со 150 евра.
А. АНТЕВСКА