Нема кој да постапи во случај ако настанат околности предвидени во Изборниот законик за престанок на мандат на пратеник, оти не функционира Државната изборна комисија (ДИК) и може да се блокира работата на Собранието.
Според Изборниот законик, причини за престанок на пратеничкиот мандат се:
– да поднесе оставка
– да е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет
години
– да настапи случај на неспоивост со функцијата пратеник
– во случај на смрт
– со правосилно решение да е лишен од деловна способност
Моментално, ДИК е испразнета по оставките на осум членови. Во ДИК остана само Ермира Асани-Салија, предложена од Движењето Беса, која беше избрана непосредно пред локалните избори.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски до претседателот на Собранието Талат Џафери денес поднесе предлог на наредната седница да се стави на двневен ред точка за распишување на оглас за избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК). Милошоски вели дека го поднел барањето бидејќи ДИК не е надлежна само за спроведување избори туку и за други правни прашања.
„ДИК не е е само за спроведување на избори, туку има надлежност да постапи и во случај ако настанат законски услови кои се предвидени за престанок на пратеничкиот мандат, се грижи за ажурирање на Избирачкиот список, организира референдуми и слично. Сега ДИК е празна и не може да постапува по ниту едно прашање. Затоа, барам претседателот Талат Џафери да го стави огласот на дневен ред. Па после политичките партии ќе се договараат“, изјави Милошоски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Собраниски извори велат дека предлогот на Милошоски е обид да го тестира ставот на владејачкото мнозинство дали е за распишување референдум за името, или за предлогот на ДУИ Собранието да гласа за промена на името без да се распише референдум.
Политичките партии од власта и од опозицијата немаат доставено предлози за нови членови на ДИК од декември 2017.
Во актуелната ситуација, каде ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира работата на Собранието поради притворањето нивни пратеници осомничени дека учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април, партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека пак може да биде голем проблем изборот на нов состав на ДИК.
Партиите треба повторно да седнат да се договорат за ДИК, исто како во 2015 кога беше блокиран изборот на ДИК. Се комплетираше Комисијата со Договорот од Пржино, кога се измени Изборниот законик и со тие измени како членови во Комисијата се ставија и независни експерти, и се одблокира работата. Тогаш власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а опозиција СДСМ. Сега улогите се променија.
Силвана Бонева и Сашо Срцев, членови на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ, претседателот на Комисијата Александар Чичаковски, и членовите Атанас Урумов и Реџеп Прекопуца поднесоа оставки по аферата со нетранспарентното делење бонуси. Оставките на членовите на ДИК, следуваа откако на 4 декември лани, американскиот амбасадор Џес Бејли откри дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските локалнин избори, а претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016.
Државната изборна комисија брои девет члена, претседател, потпретседател и седум членови. Од нив шестмина се на предлог на партиите, а тројца се од редот на експертите. Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за реизбор.
Г. ТРПЕНОСКИ