Претседателот на Антикорупциската комисија Игор Тантуровски вели дека нема основ да биде разрешен од Собранието и тврди дека објавените податоци од ревизорскиот извештај за работата на Комисијата биле извадени од контекст.
„Од мој аспект не чувствувам никаква одговорност, ниту имам одговорност, ниту сум посочен во тие извештаи и од тие причини јас немам намера да поднесам оставка“, рече Тантуровски кој присуствуваше на денешната расправа во собраниската Комисија за политички систем.
- ВО АНТИКОРУПЦИСКА СИ ЗЕМАЛЕ ПАРИ ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ СО ЛАЖНИ НАЛОЗИ, А НЕКОИ НЕ ОДЕЛЕ НИ НА РАБОТА
- АНТИКОРУПЦИОНЕР ИЗНАЈМИЛ СТАН ЗА 100 ЕВРА, А ЗЕМАЛ 350 ЕВРА
- ЧЛЕНОВИТЕ НА АНТИКОРУПЦИСКА ДА СИ ПОДНЕСАТ ОСТАВКА ВЕДНАШ, ПОБАРА РЕМЕНСКИ ВО ИМЕ НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ГИ ИСТРАЖУВА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ ВО АНТИКОРУПЦИСКА ШТО ГИ ОТКРИ САКАМДАКАЖАМ.МК
Вчера, пратниците од СДСМ побараа одговорност од претседателот Тантуровски и членовите на Антикорупциска комисија. Мнозинството најави дека ќе поднесат иницијатива за разрешување до собраниската Комисија за избори и именувања. СДСМ бара од Комисијата да достави вонреден извештај од работењето. Не кажаа дали има законски основ да побараат разрешување на Антикорупциска.
Членовите на Антикорупциска комисија ги назначува и разрешува Собранието со просто мнозинство и имаат мандат од четири години.
Во законот пишува дека член на Антикорупциската комисија може да биде разрешен во случај ако сам го побара тоа, ако е осуден за кривично дело со затворска казна и ако ја изгубил деловната способност за работа.
Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) оформи предмет по допрен глас за трошењето на буџетски средства од членовите на Државната комисија за спречување корупција.
ОЈО и парламентарното мнозинство реагираа по серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК за ревизијата на УЈП, која откри дека членови на Антикорупциската комисија ненаменски трошеле буџетски средства. Обвинителството соопшти дека презема дејствија за утврдување на факти во предметот, за прибирање податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции.
Ревизијата до која дојде САКАМДАКАЖАМ.МК се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.