„БИКИНИ МУН“ ОД УТРЕ ВО КИНО ВО БИТОЛА

    „БИКИНИ МУН“ ОД УТРЕ ВО КИНО ВО БИТОЛА„Бикини Мун“ на Милчо Манчевски oд утре ќе игра на редовниот репертоар на 3Д Кино Битола

    „Бикини Мун“, најновиот филм на Милчо Манчевски, oд утре ќе игра на редовниот репертоар на 3Д Кино Битола. Филмот и понатаму игра во кино Милениум во Скопје, а ќе се прикажува и во другите градови низ земјава.

    „Бикини Мун“ е првиот американски филм на Манчевски, сниман на локации во Њујорк. Филмот ја имаше македонската премиера во Скопјена 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – беше поздравен со френетичен аплауз, а социјалните мрежи не престануваат да зборуваат за Бикини Мун и главната актерка Кондола Рашад.

    Критиката во САД, Бразил, Португалија, Бугарија, Србија и Македонија го нарекува филмот„Брилијантен авторски филм“, „Фасцинатна приказна“, „Целосно свежо и оригинално дело на маестрален режисер“, „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество“, „Филмот на Милчо Манчевски прашува колку е јавноста манипулирана од медиумите“, „Жестока глума на Кондола Рашад“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува мааните на либерализмот на милениумската генерација“, „ Бескомпромисното критички настроено авторство.“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Ова е филмот кој „Обликот на водата“ сакаше да биде, ама не знаеше како“.

    Приказната – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана. Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

    Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот, е композиторот на музиката Игор Василев Новоградска.

    „Бикини Мун“ ја имаше светската премиера во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Сан Хозе, Калифорнија (Синеквест), Белград и Софија. Следува Истанбул, каде проекциите се веќе распродадени, па Франкфурт, Нешвил, Менхетен…

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира