АТИНСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ДОАЃА КАЈ ШИЛЕГОВ ВО СКОПЈЕ, ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДОВЕРБАТА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ

    АТИНСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ДОАЃА КАЈ ШИЛЕГОВ ВО СКОПЈЕ, ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДОВЕРБАТА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕПри возвратната посета на Скопје градоначалниците Шилегов и Каминис ќе потпишат Меморандум за соработка. Од официјалната посета на градоначалникот Шилегов на Атина на 9 февруари годинава.(Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис во петок доаѓа во посета на Скопје, соопштија од Кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

    По посетата на скопскиот градоначалник во февруари на главниот град на Грција, сега атинскиот градоначалник доаѓа во возвратна посета. Градоначалниците Шилегов и Каминис ќе потпишат Меморандум за соработка, што беше најавено после средбата во Атина.

    Првата официјална средба меѓу градоначалниците на главните градови на Македонија и Грција беше на 9 февруари во Атина. Тогаш на заедничката прес-конференцијата Шилегов и Каминис кажаа дека не зборувале за името, туку како да ја зголемат довербата меѓу граѓаните на двете земји преку реализирање на заеднички проекти.

    „На оваа прва средба договоривме соработка на неколку полиња како социјалната политика, климатските промени, дигитализацијата, а во наредните недели ќе оствариме посета на Скопје каде ќе потпишеме Меморандум за соработка. Оваа наша средба создава политика на оптимизам за соработка меѓу двата града и двете земји. Знам дека има страв кај дел од граѓаните од двете страни. Двете земји ќе добијат доколку има соработка. На денешната средба не разговаравме за името, тоа е прашање кои го водат нашите земји. Ние разговаравме за соработка која ќе ја зголеми довербата меѓу двата народи“, рече Каминис по средбата со Шилегов во Атина.

    Ова е прва официјална посета на градоначалник на Атина на Скопје. Лани во ноември во посета на Скопје на средби со премиерот Зоран Заев и градоначалникот Петре Шилегов беше солунскиот градоначалник Јанис Бутарис.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира