ДИМИТРОВ И КОЅИЈАС ГИ ПРОДОЛЖИЈА ПРЕГОВОРИТЕ СО ПОСРЕДСТВО НА ИТАЛИЈАНСКИ БАЛЕТСКИ УМЕТНИК ВО РЕСТОРАНОТ НА АКИ

    ДИМИТРОВ И КОЅИЈАС ГИ ПРОДОЛЖИЈА ПРЕГОВОРИТЕ СО ПОСРЕДСТВО НА ИТАЛИЈАНСКИ БАЛЕТСКИ УМЕТНИК ВО РЕСТОРАНОТ НА АКИНа кратко со министрите се дружел и познатиот италијански балетски кореограф и режисер Ренато Занела, кој од 1995 до 2005 бил уметнички директор на Виенската Државна опера, а од 2005 до 2011 уметнички директор на Грчкиот национален балет во Атина;-Коѕијас, Занела, Димитров и Нуредини пред ресторанот „Соле“ во Виена (Фото: СДК.МК)

    Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас и синоќа, како и по претходната рунда преговори на 29 март годинава, по завршувањето на средбата со медијаторот Метју Нимиц во Виена, вечераа во ресторанот „Соле“ на Аки Нуредини, родум од Камењане, Тетовско.

    Домаќинот Аки ги запознал Димитров и Коѕијас со неколку оперски пејачи и музичари кои се чести гости во неговиот ресторан што се наоѓа во близина на Државната опера. На министрите кои вечерале сами, едно време им се придружил и познатиот италијански балетски кореограф и режисер Ренато Занела кој од 1995 до 2005  бил уметнички директор на Виенската Државна опера, а од 2005 до 2011 уметнички директор на на Грчкиот национален балет во Атина. Најавено е дека на 9 мај Занела ќе дојде во Скопје на отворањето на Мајските оперски вечери.

    Иако првично било договорено овој пат Димитров и Коѕијас да вечераат во грчки ресторан во Виена, бидејќи минатиот пат вечерале во ресторан чиј сопственик е од Македонија, грчкиот министер инсистирал тие пак да одат кај Аки оти многу му се бендисала атмосферата. Нарекувајќи го „мојот пријател Аки“, Коѕијас на шега му рекол на Димитров дека не треба да се грижи кого да испрати за амбасадор во Австрија кога во Виена го има Аки.

    Ресторанот на Аки во кој се служат италијански специјалитети веќе триесет години е неформално место за дружење на светските оперски ѕвезди и на виенскиот џет сет, како и на австриски политичари и дипломати.

    Нема детали како помина вчерашната партија преговори за разликата околу името. Посредникот на ОН Метју Нимиц и  министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас имаа тричасовна средба во Виена. Изјава по завршување на средбата даде само Нимиц кој кажа дека имал интензивна дискусија со македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи и дека преговорите за спорот за името ќе продолжат во наредните недели.

    „Ова беше интензивна дискусија. Двете страни се многу посветени на наоѓање решение, процесот ќе продолжи во наредните недели“, изјави кусо Нимиц по средбата.

     

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира