Уставните судии не може да се однесуваат како фараони и со години да одлучуваат за нашите иницијативи а во меѓувреме зградите за кои бараме бришење на маркичките ќе се изградат, рекоа жителите на општина Карпош кои протестираа пред Уставен суд оти 8 месеци нема одлука на иницијативата за законитоста на 4 Детални урбанистички планови.
Карпошани ги повикаа и градоначалниците кои изборните кампањи ги темелеа на ветувања дека ќе ги стопираат сите спорни ДУП-ви да го исполнат она што го ветија а не да се правдаат дека немаат законски можности.
„Неприфатливо е сега кога дојдоа на власт да кажуваат дека законски не е можно да се стопираат планови а имаме најзагаден град. Сигурно има законски пропусти, а можат и законите да ги сменат. Кога беа во опозиција и тие плукаа по тие закони. Неприфатливо е да дојдат на власт и да кажат дека зависеле од парите, зар тоа не го знаеле. Ни викаат не било законски да се стави мораториумот, но не веруваме во тоа. Сигурни сме дека 40 отсто од ДУП-те можат да паднат“, рече Невена Георгиевска, подносител на иницијативата за оценување на законитоста на плановите.
Лани есента граѓанските иницијативи од Карпош поднесоа иницијативи пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на донесување на планот за Тафталиџе 1, Карпош 3, Влае 2 и планот за потегот покрај реката Вардар од поранешниот ресторан „Имес“ до хотелот „Александар Палас“. Беше побарано од Уставниот суд да донесе и времена мерка за запирање на сите активности до носење на конечна одлука. Времена мерка Уставниот суд не донесе, а постапка досега е поведена само за планот за Тафталиџе 1.
„Нема оправдување за толкаво чекање. Осум месеци се поминати и само за еден е поведена постапка. Зградите се градат. Кога ги поднесовме иницијативите зградите немаа темели, во меѓувреме цели згради се дигнати. Ова се прави свесно и додека се одлучи зградите ќе се вселат“, рече Татјана Чакулев.
Граѓанските иницијативи побараа од Уставниот суд да донесе и времена мерка да се прекинат сите гради додека се донесе конечната одлука.
А. АНТЕВСКА