Обвинителството за организиран криминал нема ниеден доказ за тоа кој го организирал нападот на Собранието на 27 април лани, потврдуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Државното јавно обвинителство. Наскоро ќе почне судењето против 30 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок, но од кого и како е организиран и планиран нападот, засега за обвинителството останува мистерија.
„И покрај тоа што Никола Митровски – Кољо, баран со потерница под сомневање дека учествувал во организацијата се предаде, тој уста не отвора за тоа од кого ги добил задачите да упадне и да ги изврши кривичните дела во Собранието. Не зборуваат ни тогашниот директор во МВР и шефот на оперативниот штаб Митко Чавков, ни петтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а ни останатите 24 обвинети кои беа или уште се во притвор“, велат од обвинителството.
Истрагата се надевала дека докази ќе најде од вештачењето на одземените мобилни телефони и лаптопи на обвинетите, но и таму нема ништо.
„Вештачењата не се употребливи за откривање на организаторите. Тие се поткрепа на досегашното обвинение, кое беше поднесено на 27 март годинава“, тврдат соговорниците и велат дела истрагата продолжува.
Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против 30 лица за насилниот упад во Собранието. Тројца, меѓу кои и Александар Василевски – Нинџа, се во бегство. Вечерта на 27 април Нинџа по мобилен телефон комуницирал со неговиот брат Благоја Василевски, кој го обезбедуваше тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на краткиот службен пат во Виена баш тој ден кога беше извршен упадот во Собранието и беа тешко повредени пратеници, новинари и вработени од собраниското обезбедување.
Дваесет и осум лица, меѓу кои и водачите на протестите „За заедничка Македонија“ ќе одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок, а двајцата агенти од УБК кои ги одземаа снимките од безбедносните камери во Собранието, ќе одговараат за помагање.
Н почетокот на месецов, државниот обвинител Љубомир Јовески потврди дека дисциплинска одговорност ќе се бара и меѓу јавните обвинители во врска со неповедување или задоцнето поведување истраги за насилствата во Собранието, а ова го истражуваат Вишото и Републичкото Јавно обвинителство.
„Одговорност се истражува кај двете надлежни обвинителства за кривично-правните настани во законодавниот дом. Тоа се Основното јавно обвинителство – Скопје и Обвинителството за организиран криминал и корупција“, рече Јовески.
С. К. ДЕЛЕВСКА