ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕСКИ ИСТРАЖУВА ВМЕШАНОСТ НА ОБВИНИТЕЛИ ВО ЗАТАЈУВАЊЕТО НА ИСТРАГИТЕ И ДОКАЗИТЕ ЗА 27 АПРИЛ

    ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕСКИ ИСТРАЖУВА ВМЕШАНОСТ НА ОБВИНИТЕЛИ ВО ЗАТАЈУВАЊЕТО НА ИСТРАГИТЕ И ДОКАЗИТЕ ЗА 27 АПРИЛДури по смената на Зврлевски, обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во октомври лани за првпат направи реконструкција на нападот и насилствата во Собранието. - Од упадот во Собранието на 27 април лани; Државниот обвинител Љубомир Јовески (Фото: СДК.МК)

    По дисциплинската одговорност и откази на група професионални полицајци и нивни претпоставени во МВР и по поднесените обвиненија против бившиот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков и други старешини за непостапувањето на 27 април лани кога беше нападнато Собранието, дисциплинска одговорност ќе се бара и меѓу јавните обвинители. Оваа информација за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди Државниот обвинител Љубомир Јовески.

    Елементите за одговорност и за поведување дисциплинска постапка против обвинители во врска со неповедување или задоцнето поведување на истраги за насилствата во Собранието, ги истражуваат Вишото и Републичкото Јавно обвинителство.

    „Одговорност се истражува кај двете надлежни обвинителства за кривично-правните настани во законодавниот дом. Тоа се Основното јавно обвинителство – Скопје и Обвинителството за организиран криминал и корупција“, вели Јовески.

    За интерната истражна постапка Јовески во моментов не дава детали. Не кажува ни дали во затајувањето на истрагите околу мотивите и организацијата на настаните учество има и неговиот претходник Марко Зврлевски, кого Собранието го разреши дури во август лани. Тој сега е на апанажа. До последниот ден на неговата функција немаше конкретна истрага за организаторите на насилствата и буквално ништо обвинителството не презеде за кривично гонење на полицајците и старешините во МВР на чело со Чавков, кои не мрднаа со прст додека пратеници крвареа и животот им беше на конец.

    Најголемата штета што ја предизвикале ОЈО Скопје и ОЈО за организиран криминал е што дозволиле првин експресно да се расчисти собраниската прес-сала и да се скријат многу битни докази, што оставиле доволно време непознати лица да украдат и уништат клучни снимки од собраниските камери за конкретни дејства на учесници и организатори на сценариото за нападот, но и за присуство и движење на одредени лица во Собранието, потоа да се уништат цели мобилни телефони, вибер и други заштитени комуникации, но и приватни снимки од мобилни телефони на лица од толпата кои ги снимаа насилствата.

    Затскривајќи се зад неколкуте истраги што ги отворија овие две обвинителства колку да се рече дека ги отвориле, тие цела пролет и цело лето всушност не презедоа ништо да се расветлат овие насилства.

    Дури по смената на Зврлевски, обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска првин во октомври лани за првпат направи реконструкција на нападот и насилствата во Собранието, а дури следниот месец за првпат во обвинителството беа повикани на сослушување пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ. За нив имаше снимка од собраниските безбедносни камери уште прв ден во Обвинителството, но истрагата нив долго време не ги чепкаше. Сè до ноември лани не беа вознемирувани ни Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, ни другите пратеници кои ги насочуваа и распоредуваа насилниците низ Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари