Не работи, оти бил на калибрирање анализаторот за мерење на честичките прашина ПМ10 на мониторинг станицата за квалитетот на амбиенталниот воздух на „Макстил“, што се наоѓа кај градинката во Железара во Општина Гази Баба. За време на пожарот во оваа фабрика, во кој гореше старо железо измешано со пластика и друг отпад што било подготвувано за топење ,мерната станица од Државниот автоматски мониторинг систем кај Природноматематичкиот факултет во Гази Баба, ноќеска во три часот измерила загадување од 228 микрограми на метар кубен ПМ10 честички. Зголемени концентрации на ПМ 10 честички над дозволените 50 микрограми на метар кубен во ова време се забележани и од мерната станица кај Ректорат.
Од Државниот инспекторат за животна средина, кој утрово изврши вонреден надзор во фабриката „Макстил“, велат дека мерните станици не измериле загадување над дозволените граници од сулфур диоксид, азотни оксиди и јаглерот моноксид.
„Макстил“ на 30 април годинава до Државниот Инсепекторат за животна средина испратил известување дека погонот челичарница не е во функција од 29 април во 22.18 часот.
„Во моментот на надзорот како и во текот на денот кога е предизвикан пожарот погонот не бил во функција, а исто така и анализаторот за ПМ10 честички од нивната мониторинг станица не бил во функција. Вонредниот надзор започна во 8 часот и контролирано е местото каде е предизвикан пожарот. Се работи за локација во погон Челичарница, на место за припрема на старо отпадно железо пред влез во процес на производство, каде се врши дробење на истото. Во моментот на надзорот пожарот сѐ уште не беше целосно изгаснат, односно во тек беа активности за негово финално гасење од противпожарните служни и тој беше под контрола. Пожарот го забележале вработените 21.20 часот и почнале да го гасат со противпожарни апарати, а потоа е повикана противпожарна служба“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање според „А“ интегрираната еколошка дозвола за работа, во октомври 2015 до „Макстил“ доставило и програма со критични точки, односно потенцијални места на несакани дејствија во однос на загадувањето на животната средина каде има и дел за заштита од пожари, а Дирекција за заштита и спасување дала мислење и согласност за правилник за заштита од пожари и експлозии.
„Во моментот се врши и надзор од страна на Инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување надлежни за пожари и заштита и спасување дали овие планови и препораки се испочитувани“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.
Од Инспекторатот велат дека по комплетирање на податоците навреме ќе ја известат јавноста за понатамошната инспекциска постапка, а последен редовен надзор во „Макстил“ направиле на 16 април годинава.
„Надзорот го направивме во однос на доставување на годишниот извештај за животна средина до Министерството за животна средина според обврската од ‘А’ интегрираната дозвола за работа и потоа не е водена понатамошна инспекциска постапка, бидејќи извештајот ‘Макстил’ го доставил согласно законските рокови“, велат од државниот инспекторат за животна средина.
Е. БОЧВАРОСКА