ТЕПАЧКА ЗА КАРТИ ЗА МОНОДРАМАТА НА ТАРИК ФИЛИПОВИЌ ВО БИТОЛА

    ТЕПАЧКА ЗА КАРТИ ЗА МОНОДРАМАТА НА ТАРИК ФИЛИПОВИЌ ВО БИТОЛАФилиповиќ на денешната прес-конференција изјави дека десет години го молел фудбалскиот тренер Ќиро Блажевиќ да му дозволи да направи за него монорама.(Фото: СДК.МК)

    Монодрамите вообичаено не привлекуваат многу публика, но тоа не е случај со претставата „Ќиро“ на познатиот хрватски актер и шоумен Тарик Филиповиќ, познат во јавноста по водителската улога на хрватскиот квиз „Милионер“.

    Тој како актер и автор на монодрамата „Ќиро“, посветена на легендарниот хрватски фудбалски тренер Ќиро Блажевиќ, вечерва ќе го затвори 20-то издание на Фестивалот на монодрама во Битола. Монодрамата е во 20 часот во Народниот театар, а картите се веќе распродадени.

    Филиповиќ на денешната прес-конференција изјави дека десет години го молел фудбалскиот тренер Блажевиќ да му дозволи да направи за него монодрама. Тој го водел фудбалскиот клуб „Динамо“ кога во 1979 година станал шампион на Југославија, како и други успешни клубови.

    „Кога го уверив дека монодрамата ќе биде споменик за неговиот животот, тогаш ја сфати тежината. Па ме праша: ’Дали има тука пари‘ Јас му реков пари нема. ’Е зошто тоа го правиш‘, ме праша. Му реков пари заработуваме на други места, а не во театарот. Мене во работата водилка ми беше Зијад Соколовиќ и само така сакам да и пристапам на публиката, а не она земи ги парите и бегај“, раскажа Филиповиќ.

    Во еден час и 15 минути го збрал животот на легендарниот тренер. Во монодрамата го носи дури и белиот шал, препознатлив дел од имиџот на Ќиро.

    „Ќиро раскажува дека како тренер во Приштина, луѓето ги искинале чаршафите само да го дочекаат со бели шалови. Инаку шал носеше поради францускиот актер Шарл Боаје и велеше ’на него беше малку фраерски, на мене малку педерски, но ќе се навикнат луѓето‘. Иво Томиќ, покојниот радиски репортер кој зборуваше во рими, го опеа неговиот шал и влезе во легендата, па во претставата се раскажува дека и папата го осветил, а јас кажувам да, како не. Тој шал и денес знае Ќиро да го стави и е во боја на ванила која ја доби со годините“, вели Тарик.

    Филиповиќ досега одиграл над 4.000 претстави, јавноста на Балканот најмногу го позна по квизот „Милионер“. Ако на Ќиро препознатлив белег му бил шалот, на Тарик му се очилата со рамка во боја.

    „Имав некаде четириесетина, дури и педесет, а останав на 15 пара. Другите ги поделив на некои хуманитарни аукции. Што ми беше најдраго зашто одеа во добротворни цели. Супер цени постигнуваа на лицитацијата. Мене оптичарите во Хрватска ми дадоа една плакета зашто кога почна ’Милионер‘ им скокнала продажбата за 400 проценти“, рече актерот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира