Британскиот и македонскиот тим ќе се бодрат меѓусебе на Меѓународниот турнир во пливање за лица со Даунов синдром кој викендов ќе се одржи во Приштина, Косово.
Флоренс Гарет, ќерката на британскиот амбасадор во земјава Чарлс Гарет денеска заедно со нејзините другари Стефан, Матеј и Христијан кои на турнирот ќе ја претставуваат Македонија, на Меѓународниот аеродором Скопје го пречекаа британскиот тим. Оттука со автобус заминаа за Приштина, каде во сабота и недела ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини во пливање и ќе навиваат едни за други.
„Јас ќе настапам за британскиот тим, но ќе ги бодрам Стефан, Матеј и Христијан со кои заедно тренираме во СЦ ‘Борис Трајковски‘. Се надевам дека ќе освојам неколку медали“, ни рече Флоренс на Скопскиот аеродром додека со транспарент во рака на кој пишуваше ‘Добредојдовте во Скопје тим на Велика Британија‘ ги чекаше нејзините другари од Лондон.
Стефан Трпковски и Матеј Аларов кои веќе неколку години како дел од Специјалната олимпијада на Македонија учествуваат на меѓународни натпревари и помогнаа на Флоренс да ги постави знамињата на Македонија и Велика Британија на аеродромот. Другарите од британскиот тим ги пречекаа со насмевки, прегратки и спортски поздрав, а потоа заедно со македонското и британското знаме се фотографираа.
„Стефан, Матеј и Христијан ќе се натпреваруваат во дисциплината 50 метри краул. Одиме да освоиме злато, тоа е мотото со кое се подготвуваме за овој натпревар. Членовите на Специјалната олимпијада имаат одлични резултати, речиси од сите поголеми натпреварувања се враќаат со медали. Веруваме дека така ќе биде и овој пат“, ни рече нивниот тренер Радован Вељановски.
Флоренс за настапот на овој турнир како и сите изминати години откако е во Македонија, тренира во СЦ „Борис Трајковски“. Вели дека за успесите кои ги постигнува заслуга имаат македонските тренери од пливачкиот клуб „Бета“.
Лани во ноември Флоренс како дел од британскиот тим освои три медали на Европското првенство во пливање за лица со Даунов синдром во Париз. Флоренс освои злато во дисциплината 50 метри грбно, сребро на 100 метри грбно и бронза во штафетата на Велика Британија. По успехот во Париз тренерите и останатите членови на клубот „Бета“ и организираа посебен дочек на Флоренс. Ѝ послаа црвен тепих во базенот и ја пречекаа со цвеќиња, аплаузи и натпис „Ти си наша гордост“.
А. АНТЕВСКА