Спомен-плочата на претседателот на поранешната СФРЈ Јосип Броз Тито, која се наоѓа во центарот на Куманово, пред полноќ е ишарана со црна боја, нацртан е кукаст крст и испишани се навредливи пораки. Не е познато кој го вандализирал споменикот со нацистички симбол, а кумановската полиција работи на откривање.
Според полициски избори, плочата била осквернавена околу 23 часот од средовечен маж, а имало и очевидци на настанот. По пријавување, започната е истрага за случајот. Од понеделник ќе бидат прегледани и видео записите на околните објекти и банки, заради откривање на сторителот.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски на Фејсбук го осуди вандализирањето и апелираше до надлежните да го пронајдат и казнат сторителот.
„Не е прв пат да се сквернават споменици од НОБ, ваквите нечовечки акти нема да нè поколебаат да ги негуваме придобивките на партизаните од НОБ и Јосип Броз Тито кои се бореа против најголемо зло на човештвото, фашизмот, и ни овозможија да ние денеска живееме во слободна и независна држава Република Македонија“, напиша Димитриевски.
И претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска го оцени за срамно и кукавичко однесувањето на вандалите. Граѓаните на Куманово се згрозени од вандализмот и бараат извршителите на ова дело да се казнат.
Сквернавењето на споменикот се случи вечерта на 25 Мај, на некогашниот Ден на младоста кога се славеше роденденот на тогашниот врховен командант и претседател, а дента на споменикот поддржувачите на Тито положија цвеќе и го одбележаа овој датум.
По барање на Општината Куманово утринава екипи на јавните претпријатија излегоа на терен и ги исчистија графитите и чкртаниците од споменикот и плочникот.
С. НИКОЛИЌ