АКО ВИЕ СТЕ САДЕЛЕ ДРВЈА ВО ЈАНУАРИ, ВИ СЕ ИСУШИЛЕ И ТОА СЕ ПРИМЕТУВА, МУ РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА МАНЕВСКИ

    АКО ВИЕ СТЕ САДЕЛЕ ДРВЈА ВО ЈАНУАРИ, ВИ СЕ ИСУШИЛЕ И ТОА СЕ ПРИМЕТУВА, МУ РЕЧЕ ШИЛЕГОВ НА МАНЕВСКИМаневски при дискусијата на точката за извршување на буџетот за првите три месеци од годинава му рече на Шилегов дека има катастрофални резултатите во реализиацијата, а градоначалникот му одговори дека минатото раководство не оставило никаков проект (Фото: СДК.МК)

    Ако вие во животот сте саделе дрвја во јануари ви се исушиле и тоа се приметува, му одговори градоначалникот Петре Шилегов на советникот од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски, кој при дискусијата на точката за извршување на буџетот за првите три месеци од годинава му рече дека има катастрофални резултатите во реализацијата.

    „Ветувавте проекти за намалување на загадувањето, а во ставките за животна средина имате повеќе нули. Велевте ќе садите дрвја. Каде се тие, кога планирате да ги садите, во август. Едно спортско игралиште или клупа немате купено, а да не зборуваме за поголеми инфраструктурни проекти“, рече Маневски од говорницата во Советот на Град Скопје.

    На ова Шилегов му одговори дека дрвја не се садат во јануари, туку напролет и наесен.

    „Дрвјата ги засадивме во април и мај, кога е сезоната. Во јануари никој не сади дрвја, бар од нас нормалните. Ако вие сте саделе во јануари, ви се исушиле и тоа се приметува. Што сте правеле изминативе 8 години не знам, но ништо не сте работеле оти не наследив ниту еден проект. Улицата Христијан Тодоровски Карпош завршува во нива и не сте ја допроектирале до Радишани. Не ми е јасно зошто, најверојатно тоа било само за пред избори. За да може еден проект да се реализира потребно е да се распише јавна набавка. Постапката трае околу 70 дена, па поради тоа во првите три месеци не можете да реализирате ако не се завршени постапките“, рече Шилегов.

    На ова советникот Маневски му одговори на Шилегов дека тој е „ќе“ градоначалник.

    „Знам јас кога се садат дрвја, нека не ми кажува градоначалникот кога се садат. Ние во Скопје имаме ‘ќе’ градоначалник“, рече Маневски.

    На ова Шилегов му одговори дека тие долго време ќе останат опозиција и на локално и на центарлно ниво.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира