Премиерот Зоран Заев се надева дека по утрешниот телефонски договор со неговиот колега Алексис Ципрас ќе се најде решение за спорот со името. Заев вечерва во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на телевизија „Телма“ рече дека е оптимист и најверојатно тој негов оптимизам ќе се оствари.
„Разговаравме денеска со премиерот Ципрас околу еден час, утре повторно ќе разговараме. Се работи за историски договор. Остана утре повторно да се слушнеме надевајќи се дека можеме да го направиме исчекорот. Јас сум оптимист и најверојатно тој мој оптимизам ќе се оствари. Се надевам дека тоа ќе биде утре“, рече Заев.
Тој не кажа никакви детали околу договор, ниту ја коментираше изјавата на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас дека било договорено промена на името, одговарајќи дека тоа ќе го соопшти на јавност по разговорот со Ципрас.
„Ред е истовремено да го кажат договорот двата премиери. Граѓаните ќе ја имаат конечната одлука, изјаснувајќи се на референдум. Наша цел е да добиеме фер договор кој ќе го јакне идентитетот и ќе отвори перспективи на нашата земја. Јас силно верувам во тоа што го договараме. Жал ми е што предлогот Република Илинденска Македонија не помина, но тоа се преговори, тие одат горе и доле“, рече Заев откривајќи дека во преговорите нашата страна инсистира во Македонија да има референдум а во Грција не.
Премиерот рече дека очекува дека и опозицијата и претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе го поддржат договорот кој би се постигнал со Грција оти само така ќе докажат дека сакаат Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ.
„За вакво прашање од национален интерес убаво би било сите чинители во политичниот живот да стоиме заедно. Очекувам позитивен аспект од опозицијата оти сите сме за НАТО и ЕУ а знаеме дека нема НАТО ако не го решиме проблемот со името. Доколку претседателот Иванов не го потпише договорот тоа ќе значи спречување Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ, затоа што после ратификација на договорот во Собранието, Грција испраќа писмо до НАТО и Европскиот совет. И ако претседателот Иванов не го потпише договорот тоа ќе значи да не ја добиеме поканата за НАТО, затоа што после тоа ќе следи референдум“, рече Заев.