Министерката за надворешни на Бугарија Екатерина Захариева смета дека договорт што Македонија и Грција ќе го потпишат в недела нема да се одрази на договорот што земјава лани го потпиша со Бугарија. Таа при денешната посета на Општина Ново Село рече дека двата договори се многу важни за европската иднина на државата, особено пред состанокот на Европскиот совет при крајот на овој месец.
„Мислам дека двата договори се многу важни и ние правиме сѐ што е можно и даваме целосна подршка на крајот од месецот на првиот совет на 26 јуни, кога јас ќе преседавам, а потоа на 29 и 30 јуни кога е Европскиот совет, Република Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Гледате дека со потпишувањето на договорот со нас колку повеќе е зголемена трговијата бизнисот и туристите меѓу двете држави. Тоа е целта да бидеме заедно и да работиме заедно на патот кон ЕУ“, рече Захариева, која нагласи дека Бугарија е подготвена да помага и по завршување на нивното претседателствување со ЕУ.
Захариева денес се сретна со градоначалникот на Ново Село Боро Стојчев и донираше компјутери за потребите на детската градинка ,,Сонце’’, која се реконструираше со европски пари од програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија
В. ТРАЈКОВ