„Ќе се чаталиме до слобода“, напишаа денес шарените револуционери на големиот транспарент. Се собраа пред Специјалното јавно обвинителство но не тргнаа кон Собрание туку во спротивната насока. Велат дека во последен момент ја смениле трасата во знак на револт од односот на полицијата кон нив. „Досега уредно пријавувавме каде ќе се движиме, а МВР постојано ни правеше проблеми во трасата. Вечерва не кажуваме каде одиме, МВР нека не наоѓа“, велат демонстрантите.
Се движат по улицата Ленинова или по ново Аминта Трети, каде што воопшто нема полиција, а оние на чело на колоната веќе се на Партизанска.
Возачот на комбето, кој вчера беше приведен, денес е заедно со демонстрантите.
„По вчерашниот протест, продолжија приведувањата како мерка за заплашување и пригушување на отпорот. Овој пат приведен е возачот на комбето чиј разглас го користиме да сме погласни на протестот. Со секое нивно заплашување стануваме побројни, похрабри и поистрајни во борбата“, напишаа денес на Фејсбук профилот организаторите од „Протестирам“ и уште еднаш повторија дека остануваат на улица се до целосно разрешување на кризата.