Активисти и симпатизери на граѓанското здружение „Зелена алтернатива“ протестираа пред Основниот суд Скопје 1, за поддршка на претседателот Филип Достовски кому денес му се судеше за поседување канабис. „Зелена алтернатива“ се залага за легализација на канабисот и за тоа секој да може да го произведува како лек за себеси.
Достовски изјави дека не очекува фер судење, а неговиот адвокат Сашо Дуковски рече дека нема случај, оти тој не е дилер туку активист кој спасил многу животи. Дуковски додаде дека Достовски марихуаната ја користел за да си ја излечи сопствената болест, што не е и не смее да биде казниво.
„Нѐ уапсија двајца, кај мене најдоа див коноп кој расте во Кочани. Анализите во Израел на оваа тревка покажаа дека е добра за епилепсија. Кај мојот другар најдоа TХЦ канабис. И двата канабиси беа дадени од пациенти да им изработиме масло. Еден од пациентите е припадник на МВР. Мојот другар се сложи на условна казна, јас не сакам да се сложам, не сакам да бидам осуден за криминал затоа што ништо немам направено. Он изгледа попушти под притисок. Ништо не правевме скришно. Сѐ беше јавно и транспарентно. Пред да ме уапсат, имав и закани од една фармацевтска компанија. Две години барам анализа на конопот што го најдоа кај мене. Анализа не добив, но добив обвинение“, рече Достовски.
„Зелена алтернатива“ е вклучена во работната група за измени на законот, а имаше и серија трибини и гостувања на странски лекари кои ги објаснуваат медицинските придобивки од употребата на канабис кај некои заболувања.
„Баравме и од претходната влада, бараме и од оваа да го дозволи канабисот за лек. Така ќе има и поголема контрола на неговата употреба каква што сега нема. За жал, канабисот не помага кај сите болести, но за среќа пак никому не штети“, рече Достовски и додаде дека многу видни личности побарале помош од него, а маслото од канабис го користеле тој, неговото семејство и неговото куче.
Е. БОЧВАРОСКА