ДОЦНИМЕ СО ПРЕФРЛАЊЕ ПАРИ НА ОПШТИНИТЕ, НО ТОА Е ПОРАДИ ПРОПУСТИ КОИ ДОСЕГА НЕ БИЛЕ РЕШЕНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈ

    ДОЦНИМЕ СО ПРЕФРЛАЊЕ ПАРИ НА ОПШТИНИТЕ, НО ТОА Е ПОРАДИ ПРОПУСТИ КОИ ДОСЕГА НЕ БИЛЕ РЕШЕНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈДиректорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи признава дека се доцни реализацијата на проектите но вели дека тоа е поради технички прашања и пропусти кои до сега не биле решени и најавува дека наредната недела ќе се потпишат договорите со општините. (Фото: СДК.МК)

    Општините уште не ги добиле парите од Бирото за регионален развој за реализација на проекти за подобрување на инфраструктурата. Станува збор за околу 4,8 милиони евра, пари кои се обезбедуваат од буџетот на Владата со цел развој на сите плански региони во земјава.

    Секоја година проектите им се одобруваат кон почетокот на јуни, но годинава договорите уште не се потпишани и средствата не се префрлени на општините. Извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во Центрите за регионален развој велат дека поради тоа не можат да се распишан тендерите за избор на изведувач и не знаат дали ќе ги завршат проектите во предвидениот рок, 15 ноември.

    „Доцнењето може да доведат до крах во реализацијата на предвидените проекти. Бидејќи средствата се издвојуваат од централниот буџет, имплементацијата на проектите се одвива со спроведување на јавни набавки кои, во најдобар случај, траат околу два месеци, по што може да се потпише договор со одреден економски оператор за реализација на одреден проект. Ова практично значи дека општините и центрите за развој имаат на располагање само два-три месеци за завршување на проектите, што е скоро невозможно имајќи предвид дека станува збор за инфраструктурни проекти кои се реализираат фазно и последователно, и за кои е потребно многу поголем временски период“, велат извори во Центрите за регионален развој.

    Директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи признава дека се доцни реализацијата на проектите но вели дека тоа е поради технички прашања и пропусти кои до сега не биле решени и најавува дека наредната недела ќе се потпишат договорите со општините.

    „Се доцни само еден месец односно јас треба да ги потпишам договорите откако одлуката на кои општини им се одобруваат и колку средства ќе биде објавена во Службен весник, а тоа беше направено на 1 јуни. Средствата за оваа намена се поделени во две програми, односно дел од буџетот се префрлени кај нас а друг дел во Министерството за локална самоуправа. Не знам како работеле моите претходници, но јас без дозвола и одобрување црно на бело, не можам да потпишам да се префрлат парите кои се во програмата на Министерство за локална самоуправа. Тоа е надминато и начелно е договорено догодина сите пари да бидат префрлени во Бирото за регионален развој и да немаме вакви проблеми. Договорите ќе се потпишат наредната недела во Владата“, вели Реџепи.

    Пред да ги потпише договорите Бирото за развој проектите ги одобрува Комисијата за регионален развој, а потоа Националниот совет формиран од министерства од Владата.

    „Проектите беа избрани од Комисијата на 15 март, а на 9 мај од Националниот совет. Ќе работиме во иднина побргу да се одвива оваа постапките“, додава Реџепи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира