Извесно е дека Македонија на Самитот на НАТО во Брисел денес ќе добие покана за пристапни преговори со Алијансата, во процедура иста како и за приемот на Црна Гора, Хрватска и Албанија.
Тоа го најави и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на вчерашната прес-конференција, пред почетокот на Самитот на НАТО во Брисел, каде рече дека очекува по договорот со Грција за името, Македонија ќе биде поканета да почне со преговори за членство во НАТО, а формално-правно договорот ќе се финализира кога ќе се спроведе договорот со Грција и ќе се направат уставните измени.
„Очекувам дека по историскиот договор постигнат минатиоt месец за спорот со името ќе го поканиме Скопје да почне со преговори за членство. Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме поранешната југословенска Република Македонија да стане 30. членка на НАТО под нејзиното ново име, Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена“, рече Столтенберг.
Според процедурата, по добивањето на поканата, НАТО ќе ја повика Македонија да ги почне пристапните преговори. Алијансата ќе направи План за пристапување, по што Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе издаде формална покана, на која македонската влада ќе одговори со писмо за намери, по што ќе уследат политичките и техничките сесии на преговори и Македонија ќе изготви тримесечна Програма за членство. Ако тоа помине добро, се потпишува Протоколот за пристапување. Потоа треба да се ратификува од сите 29 земји членки, по што Македонија ќе стане формално полноправна членка. До тогаш Македонија ќе може да учествува во сите постапки и да дискутира, но не ќе може да гласа.
Процесот на ратификација во парламентите на 29 земји членки на НАТО трае најмалку една година.