МВР денеска влезе во просториите на Фондот за иновации и по налог на Обвинителството за организиран криминал одзеде документација од доделените грантови, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Јован Деспотовски. Ова е во рамките на предистражната постапка на Обвинителството.
„По налог на Обвинителство дојде МВР, ја зеде целата документација од доделените грантови. Сега постапката е во Обвинителството и ќе се тера до крај. Ние во понеделникот јавно го повикавме да постапи, по што Обвинителството постапи”, ни рече Деспотовски.
- ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ ГИ ПОВИКА КОМПАНИИТЕ КОИ ДОБИЈА ГРАНТОВИ ДА КАЖАТ ДАЛИ ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА ИМААТ ФУНКЦИОНЕР
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ДЕЛЕЊЕТО ГРАНТОВИ ЗА ИНОВАЦИИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ
На 23 јули Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по допрен глас оформи предмет за евентуалните злоупотреби при доделувањето грантови од Фондот за иновации и технолошки развој.
На 13 јули, Владата додели 10,5 милиони евра грант на 79 микро, мали и средни компании, преку владините мерки за економски раст, а јавноста реагираше дека компании каде косопственици се вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од СДСМ Хари Локвенец добиле државна помош. Грант од 160.000 евра доби „Каст инвест“ во коспоственост на Анѓушев, а 162.000 евра доби и прилепската печатница „Гинис“, чиј косопственик е Локвенец. По реакциите во јавноста Анѓушев и Локвенец побараа косопствениците на нивните фирми да ги вратат грантовите. И снаата од син на Цветанка Ласкова, советничката на премиерот Зоран Заев, за проектот „Декодирај ме“ добила грант од 330.000 евра за фирма формирана пред само еден месец. Ласкова во коментар на социјалните мрежи изјави воопшто не била запознаена со проектите на Фондот.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека нема да побара оставки од функционерите чии фирми добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, затоа што, според него, тие се повлекле и не го кршеле законот.
„Ако така бараме оставки потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта. Тие апсолутно постапуваат етички, излегоа на прес-конференции да ги кажат своите ставови и тоа е фер однос. Проблемот е што во минатото не се откажуваа и оставаа до крај впечаток дека нешто не е етички или коректно. Мене ми требаат овие функционери, јас работам со нив, ги знам нивните капацитети и драго ми е што реагираат вака за да повлечат апликации и да дадат шанса при одлучувањето за сите други компании. Верувам дека ваквиот однос е транспарентен и чесен кон граѓаните, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по стартот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски вчера рече дека ќе ги повика компаниите на кои во првиот инвестициски бран за микро, мали и средни претпријатија им е одобрен грант самите да дадат изјава дали во сопственичката структура имаат носител на јавна функција или близок член на семејството и дека рокот за тоа е 15 дена. Тој кажа дека ако има вакви компании, потоа ќе побара од комитетот кој одлучува за проектите повторно да ги разгледа и да се види дали тие ги исполнуваат критериумите.
Г. ТРПЕНОСКИ