И покрај бројните апели на тетовската полиција и граѓаните, во тетовско и понатаму се слушаат зачестени пукотници од огнено оружје при семејните веселби. Се пука од пиштоли, а не ретко може да се слушнат и рафали од автоматско оружје. Само во изминатава недела заталкани куршуми оштетиле 5 возила, а во еден случај повредена е и жена.
Од полицијата предупредуваат дека за овие прекршоци освен прекршочни следат и кривични пријави, но нема податоци колкумина добиле кривична пријава и дали се тие процесуирани.
Билтенот на СВР Тетово регистрира дури три случаи на причинета штета од заталкани куршуми кои се случиле вчера. Во село Желино било пријавено дека заталкан куршум го оштетил ветробранското стакло на „мерцедес“ со белгиски регистарски таблички паркиран во дворот на куќата. Во Тетово на улица Илинденска заталкан куршум оштетил хауба на „рено меган“, а во гостиварско Чегране исто така бил пријавен случај кога заталкан куршум оштетил предно ветробранско стакло на „опел астра“.
53- годишна тетовчанка вчера добила прострелна рана на левата надлактица, откако била на свадба во двор од куќа во Тетово, каде гостите се забавувале со истрели од огнено оружје. Таа во еден момент се пожалила на болки и од присутните веднаш била пренесена во Клиничката болница Тетово. Во овој период се регистрирани и уште две оштетувања на автомобили кои биле погодени од заталкани куршуми.
З. АНДОНОВ